Фото: Маја Јаневска-Илиева

Подемот на градежништвото во главниот град како повод

  • Иако градежништвото важи за двигател на економијата, а растот на градбите значително помага во развојот на земјата, сепак, експертите укажуваат оти со новите градби е неопходно да се проширува и подобрува и инфраструктурата
  • Во нашата земја доминантно се градат станбени објекти, било да станува збор за згради со станови или за куќи, кои ги градат најчесто граѓани, секако со помош на градежни компании. Што се однесува, пак, до деловните објекти, интересот за изградба на деловни објекти е помал, можни се проекти во кои има станбени и деловни објекти заедно, како што се некои од новите трговски центри, но начелно инвестициите во деловни објекти се послаби

Скопје драстично се менува поради забрзаното темпо на градење. Последниве години градежништвото повторно е во подем, нови градби постојано никнуваат низ главниот град, но и во неколку други града од земјата. Дополнително и податоците на Државниот завод за статистика покажуваат нов раст на одобренијата за градба, што е сигнал дека интересот за градење станбени објекти не спласнува.
Во нашата земја доминантно се градат станбени објекти, било да станува збор за згради со станови или за куќи, кои ги градат најчесто граѓани, секако со помош на градежни компании. Што се однесува, пак, до деловните објекти, интересот за изградба на деловни објекти е помал, можни се проекти во кои има станбени и деловни објекти заедно, како што се некои од новите трговски центри, но начелно инвестициите во деловни објекти се послаби.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат оти од вкупно 367 одобренија за градба, 227 или дури 61,9 отсто се наменети за објекти од високоградба или за згради. Додека, пак, 39 одобренија или 10,6 проценти се за објекти од нискоградба и 101 одобрение се за реконструкција. Притоа со нив се планира да бидат изградени 1.248 стана, чија вкупна корисна површина достигнува 100.440 квадратни метри.
Иако градежништвото важи за двигател на економијата, а растот на градбите значително помага во развојот на земјата, сепак, експертите укажуваат оти со новите градби е неопходно да се проширува и подобрува и инфраструктурата.
Градежниот експерт со долгогодишно искуство Никола Велковски укажува дека главниот град на Македонија веќе се соочува со проблеми кога станува збор за инфраструктурата. Тој нагласува дека движењето низ главниот град веќе е отежнато поради недостигот од јавен превоз, пренатрупаноста на улиците со возила, густината на новите објекти, што нагласува дека не влијае само врз сообраќајот туку и врз другите јавни добра што треба да ги обезбеди државата, како снабдување со вода, собирање на сметот, јавни установи за згрижување на младите…

– На постојната инфраструктура се градат многу нови згради, што е причина за оптоварување на инфраструктурата, како на сообраќајната така и на водоводната, не е доволна ниту за снабдување со вода ниту пак за одводнување. Нужна е инвестиција во инфраструктурата, не само патишта туку и соодветни школи, добар јавен превоз, и тоа не само во центарот туку во сите периферни населби, како што е Петровец на пример, сите населби што се подалеку од центарот. Потребно е населувањето во центарот да се дислоцира кон периферијата, за да имаат луѓето удобен живот. Денес на пример во центарот на градот децата нема каде да играат, но, за жал, се нема концепт за развој на градот – вели нашиот соговорник.
Тој додава дека е неопходно да се развиваат сите региони и токму тука може да помогне градежништвото, но со развој и на другите економски гранки, со цел да има работа за луѓето и да се овозможи живот насекаде, не само во неколку града од земјава. Велковски појаснува дека има простор за поголем раст на градежниот сектор, и тоа не само во изградба на станбени објекти. Тој потенцира дека најмногу се градат станови бидејќи приватните инвеститори целат кон тоа да ги свртат парите, да направат профит и затоа ќе продолжат со истиот концепт.
– Државата е таа што треба да насочува, да укажува и да создава предуслови за порамномерен и похуман развој на средината. Мора да се бараат различни решенија, не да се окупира секоја зелена површина. Треба да се прави инфраструктура во интерес на граѓаните, да се бараат модерни решенија, не сѐ да се бетонизира. Има што да се гради, и треба да се градат градинки, школи, но паралелно да се развива и јавниот превоз за да не зависат сите од своите автомобили – заклучува Велковски. Е.Р.


Градежништвото во еврозоната стагнира

Градежните активности во еврозоната останаа непроменети во јули годинава, според податоците на „Евростат“. Овие податоци следуваат по поизразениот пад во јуни, кога градежното производство се намали за 1,5 отсто во еврозоната и за 1,3 отсто во ЕУ. Во споредба со јули 2025 година, градежното производство опаднало за два отсто во еврозоната и за 1,8 отсто во ЕУ. Најголемо негативно влијание имаше на полето на високоградбата, која на годишно ниво забележа пад од 6,4 отсто во еврозоната и 5,6 отсто во ЕУ. Меѓу земјите членки, Унгарија го забележа најголемиот годишен пад од 12,2 отсто, по што следуваат Шпанија со 9,7 отсто и Франција со пет отсто. Финска, Словенија и Бугарија забележаа најголем годишен раст, и тоа од 12,8, 11,6 и 4,8 отсто, соодветно. Е.Р.


Владата ја следи ситуацијата со цените на горивата

Владата внимателно ја следи ситуацијата со цената на горивата и планира да преземе мерки за ублажување на ризикот во случај на ескалација.
– Минатата недела имавме вонредна онлајн седница на Владата и откако почна сè, уште од март, направивме и акциза и намалување на ДДВ-то и со „Окта“ договоривме попуст. Го намаливме ДДВ-то на 10 проценти. Дискутираме, гледаме и ќе се консултираме на ниво на Владата. Ние секако сме за заштита на стандардот на граѓаните, меѓутоа ќе мора да разгледаме кои се и фискалните импликации врз буџетот – истакна министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска на прес-конференција, потврдувајќи дека во моментов важи мерката за намалување на ДДВ-то од 18 на 10 проценти.
Цените на горивата на бензинските пумпи нагло пораснаа по избувнувањето на конфликтот на Блискиот Исток, дополнително засилувајќи ги инфлаторните притисоци. Европската централна банка објави дека инфлацијата кај енергентите во еврозоната скокнала на 14,3 отсто во август, од 10,3 отсто во јули. Цените на бензинот и дизелот во Европската Унија неделава ги достигнаа највисоките нивоа во изминатите 20 години, откако се следат податоците. На 14 септември, просечната цена по литар бензин во ЕУ изнесувала 2,063 евра, додека цената на дизелот била 2,159 евра. Ова се највисоките цени регистрирани откако комисијата почна да ги следи податоците во 2005 година. Е.Р.