Фото: Н.Д.

Екокатче

Минатата среда во таканаречениот Парк кај Судот во Прилеп, се одржа арт -хепенингот „Од отпад до нова вредност“, во кој учествуваа ученици од повеќе основни и средни училишта од Прилеп, како и од основното училиште од Кривогаштани.
Учениците преку литературни творби, кои ги интерпретираа пред отворениот микрофон, и преку ликовни дела изработени за време на самиот настан ја претставија својата визија за позелена иднина. Од страна на учениците на СОУ „Орде Чопела“ беа претставени и изработки направени од отпадна пластична амбалажа, но и производи од нивната екоградина, од мултифункционалниот стакленик, кој користи паметна технологија, но и од училишната минифарма и од училишната пекарница „Детелинка“.
Производите и изработките се плод на повеќемесечната работа на учениците и на професорот Ѓорѓија Гагалески, во рамките на проектот „Млади за зелена транзиција: Од урбана градина до екопроизвод“, кој го реализира училиштето заедно со Здружението за образование, култура и уметност ЗОКУМ, а поддржан од организацијата „Пипл ин нид“ (People in need).

Во настанот беа вклучени наставници и ученици од прилепските училишта „Блаже Конески“ и „Климент Охридски“, како и училиштето „Манчу Матак“ од Кривогаштани, но и рурални жени и други категории граѓани, кои преку повеќе теоретски и практично обуки учеа за биоградинарството, зелената транзиција и циркуларната економија.

Во денешното издание на „Колибри“ ви го претставуваме цртежот на ученикот Лазар Ѓуриќ од ООУ „Блаже Конески“, кој го сработи за време на настанот.
– Овој цртеж во графитна техника претставува човек заробен во пластично шише, како симбол на загадувањето и неговото влијание врз човекот и природата. Преку сенките, наборите и проѕирноста на пластиката сакав да прикажам чувство на заробеност и беспомошност, но и како поради последиците од нашите постапки, на крајот страдаме самите ние – вели младиот уметник Лазар.
Тука е и личната литературна творба на ученичката Елизабет Ала, која веруваме дека ќе ви се допадне и ќе ве инспирира.

Ф.Д.


Малите добрини имаат голема вредност

Кога ќе го слушнеме зборот „отпад“, најчесто помислуваме на нешто што повеќе не ни треба и треба да го фрлиме. Но дали секој отпад навистина нема вредност? Јас сфатив дека не е така благодарение на едно мало пластично капаче и едно големо црвено срце во центарот на мојата Гевгелија.
Во центарот на мојот роден град, во срцето на Гевгелија, е поставено големо црвено срце со порака „Подари живот!“. Во него се собираат пластични капачиња, кои луѓето ги носат од своите домови и ги оставаат внатре. Потоа капачињата се собираат, а нивната вредност се претвора во средства што можат да помогнат во обезбедување медицинска помош и да спасат нечиј живот. Добар пример за тоа е набавката на инкубатор за новороденчиња во болницата токму со помош на рециклирањето капачиња. Обични пластични капачиња што за нас немаат голема вредност, но за некого може да значат надеж. Едно капаче не значи ништо, но илјадници капачиња покажуваат колкава е моќта на заедништвото. Затоа, кога ќе го погледнам црвеното срце во центарот на Гевгелија, не гледам само пластични капачиња. Гледам желба да се помогне, грижа за природата и луѓе што веруваат дека и најмалото дело може да направи разлика. Кога капачето ќе го одвоиме од шишето и ќе го ставиме во срцето во центарот на градот, тоа продолжува да живее во една голема приказна и од обичен отпад станува дел од нешто корисно и хумано. Рециклирањето на отпадот значи почиста, поубава и позелена средина, не само за денес и утре, туку и за во иднина. Секое капаче вреди. Секое капаче е чекор кон почиста средина, а најважно од сè – секое капаче може да значи живот.
Но мојата зелена приказна не е само приказна за рециклирање. Тоа е приказна за тоа како малите добри дела можат да се претворат во голема вредност. Тоа е приказна за мојата Гевгелија, за нејзините жители и за едно црвено срце што не собира само пластични капачиња туку и човечност.

Авторка: Елизабет Ала, 3-4 СОУ „Орде Чопела“–Прилеп
Менторка: Лидија Тошеска

Нацртал: Лазар Ѓуриќ
ООУ „Блаже Конески“
-Прилеп
Менторка: Eлена Димоска Николоска