Фото: ЕПА

Белоруската тенисерка Арина Сабаленка ги повика организаторите на Вимблдон да ја преиспитаат забраната за внесување кучиња-миленичиња во комплексот на турнирот.

За разлика од Вимблдон, на Ролан Гарос минатиот месец на тенисерите им беше дозволено да ги носат своите кучиња, а милениците добија и акредитации. Сабаленка, која има кавалер кинг Чарлс шпаниел по име Еш, беше меѓу тенисерките кои во Париз беа придружувани од своите миленици. Кучиња со себе на Ролан Гарос носеа и Марта Костјук, Анастасија Потапова, Ана Калинскаја и Хејли Баптист.

Но, на Вимблдон има построга политика, па Еш овојпат мора да остане дома. Извршната директорка на Вимблдон, Сали Болтон, претходно потврди дека во комплексот се дозволени само кучиња за помош и службени кучиња за безбедност.

Сабаленка, која се пласира во третото коло откако ја совлада Американката Мекартни Кеслер со 6-1, 7-6 (11-9), изјави дека не се согласува со забраната, иако разбира зошто организаторите ја донеле таквата одлука.

-Можам да разберам зошто ја донеле оваа одлука. Ако кучето направи нешто погрешно во ова историско место, веројатно ќе биде потребно време за да се поправи штетата. Веројатно се плашат од такви ситуации. Но, морам да кажам дека сите наши кучиња се многу добро дресирани. Нема да направат ништо погрешно во оваа прекрасна зграда. Мораме да го промениме тоа – рече Сабаленка.

Таа додаде дека тешко ѝ паѓа тоа што мора да го остави својот миленик дома.

-Понекогаш е болно да го оставиш сам дома. Тој многу се врзува и страда кога е сам. Тоа навистина ме погодува. Тој е мало меко суштество кое секогаш сака гушкање и љубов. Одењето во парк и прошетките со него се еден вид медитација за мене – изјави Сабаленка.

-Вимблдон, ве молам, ве молам, пуштете ги кучињата внатре! – порача светската тенисерка број еден.

Сабаленка во следното коло ќе игра против поранешната шампионка на Ролан Гарос, Јелена Остапенко, во обид да продолжи кон својата прва титула на Вимблдон.