Двајца пациенти загинаа, а повеќе од 30 лица се повредени во пожар што избувна рано утрово во болница во градот Лудвигслуст, во североисточна Германија, соопштија локалните власти.
Портпаролка на округот Лудвигслуст-Пархим изјави за ДПА дека двете жртви биле пациенти во болницата.
Полицијата соопшти дека во пожарот се повредени повеќе од 30 лица, додека според локалните власти ниту еден од повредените не се здобил со тешки повреди.
Според првичните информации, пожарот избувнал во соба со пациенти, а потоа се проширил кон покривната конструкција на објектот. Засега не е познато дали двајцата починати пациенти биле во истата соба.
Пожарот избувнал околу 4:30 часот утрово, по што пациентите и персоналот биле евакуирани од зградата. На терен интервенирале противпожарни, полициски и спасувачки екипи.
Германските медиуми јавија дека огнот се проширил кон покривот на одделот за радиологија, а чадот предизвикал голема евакуација на пациентите и вработените.
Според интернет-страницата на болницата, објектот располага со 160 кревети. Тоа е единствената болница во Лудвигслуст и обезбедува основна и стандардна медицинска нега за регионот.
Причината за пожарот засега не е утврдена.

































