Фото: Пиксабеј

Трилер

Седеа под четинарите, таму од каде што се протегаше прекрасна глетка врз долината. Изгледаа опуштено и весело. Дон Фето во скутот држеше кошничка со шумските јаготки.
– Не сум каснал шумска јаготка од моето најрано детство – се јави дон Кабуза оближувајќи си ги усните. – Веќе сум заборавил дека постојат вакви сочни плодови!
– Повеќе од половина век – го дополни дон Кавалканти.
– Јас пак можеби и повеќе од тоа – се надоврза дон Вилароса.
– Ќе се честиме со посебно задоволство – најави дон Фето. – Ете, дон Бруто нѐ собра на едно место.
– Сигурно нѐ гледа од некоја страна – додаде дон Кавалканти.
– Можеби – го поддржа дон Вилароса.
Дон Фето го крена капакот од кошницата. Лаком, дон Кабуза веднаш се приближи за да зграпчи прв од „пленот“. Кавалканти и Вилароса не останаа пократки, но тоа го направија дискретно. Во следниот миг се случи нешто што личеше на гром од ведро небо.
Под сламената подлога со прекрасни шумски јаготки се криеше вистинска бомба. Нечија рака беше го насадила осилото со стршени (espa crabro). Внимателно, со умеење, со доволно искуство за да не ги испровоцира предвреме. Вознемирени од раката на дон Фето, црно-жолтеникавите инсекти со широките темиња и долгите рилки полетаа и се раштркаа на сите страни барајќи цел на која ќе можат да го излеат својот гнев. Кутрите старци почнаа да се бранат со раце, а потоа и да се тркалаат по тревата. Некогашните гангстерски величини од кои трепереше Америка изгледаа исплашено и беспомошно.
Скриени зад живата ограда, стариот Еторе и неговата внучка паѓаа од смеа. Цревото за прскање вода во неговите раце ги спаси гангстерските босови од најстрашното. Водата ги растера крилестите чудовишта, а старците поминаа со по две-три дебели осила на лицето или снагата.
*
Дон Кавалканти и дон Кабуза поминаа со серум против алергија, додека дон Фето и дон Вилароса поминаа малку полесно, но сепак ги задржаа во локалната болница заедно со првите двајца. Во болничката соба во која лежеа влезе младо момче и донесе лимонади. По него влезе друго момче и на дон Фето му подаде плик.
– Што е сега ова? – праша тој.
Момчето се насмеа, но не му одговори.
– Сега ми е страв да го отворам – горко се насмеа дон Фето.
– Не плаши се – му дофрли дон Вилароса со насмевка на потечените усни, – веќе сме на сигурно во болница.
Со растреперени раце, дон Фето го отвори ковертот и зина од вчудовиденост.
– Што е, да не ти се слоши? – се вознемири дон Вилароса.
– Тој… проклетник еден… тој е жив, ѓавол да го земе!
– Кој тоа? – прашаа сите тројца во еден глас.
– Дон Пасквале Бруто, ете кој!
– Ете ти сега! – викна дон Вилароса. – Од каде ова?
Во рацете на дон Фето се најде писмо.
– Внимавајте, читам гласно.
„Драги мои соперници,
Пред една година, дојдов на идеја да се вратам на Сицилија. Речено, сторено. Едноставно, ми здодеа синтетичката содржина на животот во Америка. Моите ги замолив да не ме попречуваат во намерата, а за таа цел измисливме приказна за моето ненадејно исчезнување. Значи, моите луѓе ја лансираа приказната за моето чудно исчезнување со тивка најава и за можна смрт во ушите на тастерите што беа блиски со дон Фето. Меѓу другото, гласовите ја потенцираа мојата тестаментална порака преку која го молам да собере сили за да напише и објави книга со духовити случки раскажани од моите четворица ривали. Необично сум му благодарен за самитот што го организира со посебно задоволство, бидејќи еден од неговите некогашни противници не е повеќе на овој свет. На годишнината од мојата „смрт“, тој ја исполни мојата желба. Ми беше смешно кога идејата за пишување книга ви ја претстави како негова, господа гангстерски сурати. Ми беше посебно задоволство што и јас како жив и здрав дон Пасквале Бруто имав чест да присуствувам на сопствениот парастос и тоа никогаш нема да ви го заборавам. Верувам дека книгата ќе стане вистински бестселер, по кој ќе се грабаат сите оние што очекуваат револверски пресметки, пот, подметнувања и крв. За жал. Можеби и ќе се разочараат, бидејќи нашите животи имаат и свое друго лице. Кутриот градинар Еторе, беше заспан како крап откако му ставив малку посилна доза седативи во шишето со пиво. Марија, неговата внучка, прекрасно ги следеше моите инструкции. На тоа убаво девојче му ветив сѐ што ќе посака ако се согласи да ми помогне и ќе го остварам тоа. Дон Фето, не ти препорачувам да ја вознемируваш оти таа е само едно умно и интелигентно суштество, кое даде свој придонес за успешноста на величествената претстава. Ме радува што во неа блика итрата и врела сицилијанска крв. Сево ова беше уште еден голем показател за мојата големина, за големината на едниот и единствен дон Бруто Пасквале. Ве почитува, па дури и ве сака, вашиот дон Бруто.
П.С. Ве очекувам уште утре на мојот имот во Порто Емподокле, каде што ќе живеам до крајот на мојот живот. Однапред ве предупредувам да се откажете од намислата за можен реванш оти ќе ви биде повеќекратно возвратено. Погледнете ја внимателно фотографијата што ја направи малечката Марија!“
Сите до еден лесно можеа да го препознаат Пасквале Бруто во градинарот Еторе. Тој стоеше рамо до рамо со гангстерската четворка, која повторно се претвори во познатиот гангстерски квинтет.
Повеќе никој не можеше да ја запре смеата…
Роберт Торн
(крај)