Дизелот за 8, а бензините за 4 денари
Бензините од ноќеска на полноќ поевтинуваат за 4 денари по литар, а цената на дизелот се намалува за 8 денари, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Со одлуката се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 5,81 отсто.
Новата максимална малопродажна цена на ЕУРОСУПЕР БС – 95 ќе изнесува 87 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС – 98 ќе се продава за 89, а ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) за 91,5 денари за литар. Со одлуката на РКЕ малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалува за 6 денари за литар и ќе изнесува 92,5 денари. Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС, пак, се намалува за 2,881 денари за килограм ќе изнесува 43,538 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување и тоа кај бензините во просек за 6,186 отсто, кај дизелот за 10,435, кај екстра лесното масло за 8,138 и кај мазутот за 7,151 отсто. Курсот на денарот во однос на доларот по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок за 1,0313 отсто.
Напоменуваат дека ова се максималните цени на нафтените деривати и оти трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.































