Историски трилер

Гаврило се насмеа:
– Не, нема да се напијам, лажен грофу Смирнов. Ако го сторам тоа, никогаш нема да дојдеш до посакуваното богатство, а мене ќе ме снема. Од кој отров ставивте во коњакот?
Роман Василевич Дворников стана и направи круг околу столот за да биде поблиску до Гаврило. Без да размислува, тој му залепи една врела шлаканица. Гаврило полека стана. Во неговите очи фркаа молњи. Ударот со тупаница што Дворников не го очекуваше, му ја занесе главата и го испружи на подот.
Се слушна откочување на револвер. Федоров беше подготвен да стрела. Но тој не смееше да го направи тоа поради наредбата на генералот. Истото тоа се очекуваше и од другите присутни. Дури и книговодителот држеше мал салонски револвер во раката.
– Да не сте се обиделе оти генералот нема да живее ниту минутка! – згрме Гаврило наведнат над Дворников. Од неговиот ракав излета кама.
– Фрлете ги вашите играчки, господа! – грмеше гласот на Карпис Карапетјан.
Тој упадна во салонот следен од Екатерина Гордеева, Пјотр Егоров и храбриот чесен измеќар Афик. Гаврило го зграпчи генералот за реверите од собната наметка и го крена од подот.
– Дали е сѐ чисто, Карпис?
– Успеавме без пролевање крв да ги елиминираме гавазите, Гаврило. Ене ги таму на тремот со врзани раце и нозе.
– Завршена е играта, почитуван лажен грофу – Колароски му се внесе во лицето на генералот. – Штотуку стаса една од твоите жртви. Се надевам дека турските власти нема да имаат приговор слушајќи ја нејзината вистина. Освен тоа, ти и полковникот Федоров сте на листата за отстрел во конзулатот на СССР во Истанбул. Богатството, заедно со реликвијата на Смирнови, најпосле си ја најде сопственичката.
– Проклет да бидеш, Коначару! – Дворников шиштеше како змија. Од очите му фркаа огнови. – Знаеш ли што пропушти? Дебело конто, ете тоа!
Гаврило се насмеа:
– Секако, секако. Но мислам дека немаше да се случи тоа, бидејќи мртвата уста нема никогаш да прозбори. За среќа, јас и Карапетјан сите проблеми ги решаваме систематично.
Со еден потег, грофот посегна по коњакот на Гаврило и го искапи до дно. Гаврило не реагираше. Потоа лицето му се искриви, а лузната доби неприроден лик. Ѓаволскиот генерал лежеше мртов на подот.
– Проклет да е и таму во пеколот – колнеше полковникот Федоров. – Нѐ остави на милост и немилост на Црвените!
Галебите весело кружеа над пристанот. Гаврило се поздрави со Карпис Карапетјан.
– Ти благодарам за сѐ, Гаврило. Многу ти должам.
– Меѓу нас, никој никому ништо не должи, драг пријателе. Го знаеш ти тоа мошне добро. Кога ќе ти затребам, побарај ме. Секогаш ќе ти бидам на располагање. Мислам дека со себе носиш доволно за еден добар живот на Крит.
– Со тоа што издвои 10.000 долари поздрав за Гајан, докажа дека си голем човек. Македонија може да се гордее со тебе.
– Внимавај добро – Гаврило го крена показалецот – јас не издвоив сам туку тоа го сторивме двајцата. Засега ќе кажеме збогум на гробниците.
– Но… никогаш не се знае, пријателе – се насмеа Карапетјан.
Занесени, не го забележаа присуството на Екатерина Гордеева и Пјотр Александрович. Дамата дискретно му подаде коверт на Колароски. Овој зачудено погледна во него.
– Што е ова, грофице Смирнова?
– Штотуку ги расчистивме сметките, почитуван Коначару.
– А, не, така не може! – небаре е вжарен, Колароски ѝ го врати назад.
Грофицата ги состави дланките. Погледот ѝ беше молбен.
– Ова е најмалку што можев да сторам за вас, Гаврило. Жал ми е што не ве запознав порано. Сигурно ќе бевме големи пријатели.
– Всушност, ние сме големи пријатели, Екатерина.
– Благодарам уште еднаш и простете ми што ви се претставив со лажна приказна. Бев принудена на тоа. Сега вие сте ѝ потребни на татковината за која знам дека мака мачи да ја добие својата слобода. Подготвена сум да лобирам, но и финансиски да ве поддржам доколку се наметне потреба за тоа. Збогум, голем пријателе. Збогум, Коначару драг!

Љубомир Јованоски-Кара

(крај)