Фото: Пиксабеј
  • Набљудувачите на небото ќе бидат почестени не со еден, туку со два импресивни астрономски настани во рок од само неколку часа – метеорски дожд и делумно затемнување на Сонцето

Метеорскиот дожд ќе го достигне својот врв вечерва. Љубителите на ноќното небо ќе можат да уживаат во спектаклот на светли метеори што се движат брзо и изгледаат како рој ѕвезди што паѓаат.
Условите за набљудувањето на метеорскиот дожд засега се поволни, така што сѐ што е потребно е да се излезе надвор од градот и градското осветлување и да се ужива во темното небо.
Персеидите се активни секое лето, од средината на јули до крајот на август, но најголемата активност се очекува токму во овие августовски денови. Земјата во овој период минува низ облакот од прашина и ситни остатоци што зад себе ги остава кометата 109P/Свифт-Татл. Кога овие честички со голема брзина ќе навлезат во атмосферата, согоруваат и зад себе оставаат светли траги на небото, познати како „ѕвезди што паѓаат“.
Овие метеори се видливи низ целиот свет и се именувани како Персеиди затоа што се претпоставува дека потекнуваат од соѕвездието Персеј.
Персеидите се активни од средината на јули до 23 август оваа година, но во повеќето ноќи дождот ќе прикаже само неколку метеори на секој час.
Најдобро време за набљудување е во раните утрински часови, помеѓу полноќ и зора, на 12 и 13 август. Во ова време можат да се видат повеќе од сто „ѕвезди што паѓаат“ на час, иако реалниот број зависи од местото, облачноста и светлосното загадување.
Она што ја прави годинашната појава уште поинтересна е младата месечина. Нејзината светлина нема да го попречува набљудувањето, па дури послабите метеори полесно ќе можат да се забележат.

За најдобро искуство, астрономите препорачуваат да се избере место подалеку од градските светла, со отворен поглед кон небото.
Не е потребна никаква посебна опрема, Персеидите најдобро се следат со голо око. Потребни се само темно место, чисто небо и малку трпение, бидејќи на очите им се потребни 20-30 минути за целосно да се навикнат на темнината.
Годинашниот 12 август носи уште еден интересен астрономски настан. Попладнето над Скопје и поголем дел од Македонија ќе може да се набљудува делумно затемнување на Сонцето. Затемнувањето ќе започне околу 19.29 часот, максимумот ќе биде околу 19.36, а ќе заврши околу 19.39 часот.
Со оглед на тоа што Сонцето тогаш ќе биде ниско над хоризонтот, видливоста може да биде ограничена од објекти или облаци. При набљудување на затемнувањето задолжително е користење соодветна заштита, бидејќи директното гледање во Сонцето може сериозно да ги оштети очите. С.Ј.