Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешниот брифинг со новинарите порача дека остварува постојани контакти со сите пратенички групи со цел да се изнајде заеднички јазик и компромис за законите што бараат двојно, Бадентерово мнозинство, нагласувајќи дека законодавниот дом мора да ја надмине блокадата и да биде функционален во интерес на граѓаните.

Осврнувајќи се на предизвиците со обезбедувањето на потребното мнозинство за законите што се на дневен ред, Гаши посочи дека решенијата мора да се бараат исклучиво преку демократски дијалог.

– Јасно е дека во Собранието имаме проблем со гласањето на законите кои треба да се изгласаат со Бадентерово мнозинство. Но, за сè во демократијата се потребни разговор и дијалог и треба да има решение. Јас лично, заедно со сите пратеници, разговарам и бараме начин како да ги надминеме овие разлики и се надевам дека во блиска иднина ќе најдеме решение, ќе се договориме и ако треба закон по закон или концептуално да најдеме решение. Како и да е, Собранието мора да профункционира и во овој дел каде што е заглавено и да биде ефективно и за самата работа на институцијата, но и за граѓаните – истакна Гаши, пренесува МИА.

Појасни дека за 123. пленарна седница, закажана за 29 септември, се ставени сите десет предлог-закони поднесени во последно време по скратена постапка, меѓу кои и оние за јавната администрација и за висока служба. Доколку некој предлог не го добие потребното Бадентерово мнозинство, постапката завршува и истиот закон не може повторно да се поднесе во следните три месеци.

Во однос на преговорите за измените на Изборниот законик, Гаши информираше дека на денешната редовна координација со координаторите на пратеничките групи била отворена и таа тема, при што е договорено партиите прво да ги усогласат позициите внатре во своите редови.

– Се отворија сите теми кои се поактуелни. Се отвори и темата за Изборниот законик. Од пратеничките групи известија дека не сите се состанале во партија за да изградат нови ставови. Очекуваме во текот на идната недела, а можеби и таа потоа, да се состанат и ако има нови моменти, да свикаме работна група и да продолжат со работата – посочи Гаши.

Додаде дека нема информација дали партиите добиле покана за средба со министерот за правда.

Во врска со 124. седница, пак, информираше дека е свикана за 24 септември, откако терминот бил усогласен со претседателот на Владата. – Се договоривме и се координиравме со претседателот на Владата. Немаше никаква можност друг ден да се организира и остана 24 септември. Барав од координаторите да имаат разбирање и да не поставуваат прашања усно, затоа што можат писмено да му ги постават на премиерот и тие ќе бидат одговорени – рече Гаши.

Прашан за законските решенија што се однесуваат на минималната плата, претседателот на законодавниот дом најави дека тие ќе се најдат пред пратениците на почетокот на идниот месец.

– Што се однесува до процедурата, веќе разговаравме на почетокот на октомври, можеби првата недела ќе биде свикана нова седница и ќе бидат ставени овие закони, вклучително и Законот за минимална плата – рече Гаши.

Неговиот личен став, вели, во врска со примањата и приходите е дека тие треба да се зголемуваат, а и минималната плата којашто би предизвикала зголемување и на просечната плата.

На координацијата станало збор и за функционирањето на собраниските анкетни комисии, со акцент на барањата на семејствата на загинатите од Кочани. Гаши посочи дека официјално, преку архива или електронска пошта, сè уште нема добиено писмо од родителите, но го видел јавно и ќе изврши проверка.

– Разговаравме денеска на координација околу таа тема. Ставот е дека некои од координаторите мислат дека треба да заврши постоечката Анкетна комисија, па потоа да биде формирана другата комисија. Другите мислат поинаку, дека не треба да се спојува една со друга, туку дека треба да течат паралелно. Од координаторот на Левица имаме најава дека на почетокот на октомври ќе се свика постоечката Анкетна комисија, можеби ќе се донесат заклучоци и тоа ќе ја отвори вратата за да се формира и другата анкетна комисија – рече Гаши.

Одговарајќи на новинарски прашања за реакциите во јавноста и од коалициските партнери по неговиот коментар за пресудата на лидерите на ОВК, Гаши нагласи дека настапил исклучиво од личен и приватен аспект, а не во име на Собранието.

Граѓаните и јавноста, рече, треба да прават јасна дистинкција меѓу неговиот политички и личен бекграунд и институционалната улога што ја извршува.

Гаши на брифингот информираше и за меѓународните и протоколарните активности на Собранието, најавувајќи средби со делегација од Сенатот на Франција на 24 септември, состанок со Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ на 26 септември, како и одбележување на Меѓународниот ден на знаковниот јазик на 23 септември. Денеска се одржале и состаноци со Научниот совет на Швајцарската програма и за Акцискиот план за Отворено партнерство за младите за периодот 2027–2029 година.