Со панел-дискусија посветена на досегашната имплементација и идните предизвици беше одбележана 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, во организација на Министерството за односи меѓу заедниците во Клубот на пратениците.
На панелот беше истакната потребата од продолжување на реформите, зајакнување на децентрализацијата, владеењето на правото и европската интеграција, како и подобрување на квалитетот на јавните услуги.
На панелот учествуваа универзитетски професори, експерти, поранешни дипломати, политичари, новинари и претставници на граѓанското општество.
Министерот за односи меѓу заедниците Агон Ферати порача дека 25-годишнината не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината, зајакнувањето на владеењето на правото и развојот на поинклузивно општество.
-Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и, особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите – истакна Ферати, пренесува МИА.
Поранешната дипломатка на ОБСЕ, Кларис Пастори, која била ангажирана во Македонија во периодот на преговорите и имплементацијата на договорот, оцени дека Охридскиот рамковен договор е повеќе од мировен договор, бидејќи ги штити човековите права, ги вклучува заедниците во институциите и ја зајакнува демократијата преку правичната застапеност и децентрализацијата.
– Можам да ве уверам со најголема искреност дека Охридскиот рамковен договор е најдобриот договор што некогаш сум го видела или искусила. Мора да го живеете, да го спроведувате, да го поправате, да го одржувате секој еден ден. Не се работи за преговарање за еден или друг закон и потоа готово е. Не. Мора да се одржува во живот. Тој е жив инструмент и не е само нешто од пред 23 години во минатото, туку е основа за вашата иднина – рече Пастори.
„ЗАШТИТНИОТ МЕХАНИЗАМ“ НА ОХРИДСКИОТ РАМКОВЕН ДОГОВОР СТАНУВА КОЧНИЦА
Градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, оцени дека имплементацијата на основните принципи на договорот треба да продолжи без оглед на политичките промени, посочувајќи ја децентрализацијата како еден од неговите клучни столбови.
Според него, во изминатите 25 години е постигнат напредок, но фискалната децентрализација заостанува зад административната и потребна е поправедна распределба на средствата и поголема локална автономија.
– Без оглед на политичките случувања, како што кажаа и пред мене, кој и да бил, кој е и кој ќе биде на чело на институциите, имплементацијата на основните принципи на Охридскиот договор мора да продолжи – рече Касами.
Поранешниот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, пак, порача дека Охридскиот рамковен договор не треба да се смета за завршена работа и дека стратешки интерес на државата во 2026 година е целосната интеграција во Европската Унија.
– Во 2001-ва стратешкиот и националниот интерес бил мирот. Во 2026-та стратешкиот и националниот интерес е целосна и конечна интеграција во Европската Унија. Преку транспарентните процеси, преку владеење на правото, преку децентрализацијата – рече Костадинов.
Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков оцени дека Охридскиот рамковен договор и европската интеграција се поврзани преку принципите на еднаквост, доверба во институциите и квалитетни јавни услуги.
– Европската интеграција треба да ја разбереме секако како можност да ги надградиме достигнувањата од Охрид и секако да ги претвориме во уште посилни демократски и институционални стандарди – истакна Трајков.

Таа посочи дека реформската агенда не е само документ, туку обврска на државата кон граѓаните до 2027 година, нагласувајќи дека реформите имаат вистинска вредност кога граѓанинот ќе почувствува дека институцијата е негова, дека има доверба во системот и дека неговите права се заштитени.
– Охридскиот рамковен договор навистина беше еден голем тест за сите нас. Пред 25 години приоритет беше да се создадат услови за мир и стабилност, а денес наш приоритет е да создадеме услови за просперитет, европски стандарди и секако поквалитетен живот – рече заменик-министерката.
Свеченото одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор продолжува и утре, 13 август, со активности организирани од Министерството за односи меѓу заедниците.
Муцунски: Kако држава сме созреани да ги надминуваме етничките линии и да градиме вистинско граѓанско општество
Сметам дека како држава сме созреани да имаме капацитет веќе да ги надминуваме етничките линии и да градиме вистинско граѓанско општество што е насочено пред сѐ на предизвиците на 21-от век и времето во коешто ние живееме. Бидејќи институциите, системот, државата му припаѓаат на граѓанинот пред сѐ, нагласи министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски на панел-дискусијата „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Министерот истакна дека денешната дебата нема за цел да се навраќаме на 2001-та година, туку да дадеме одговор на прашањето каква држава сакаме да имаме во 2051-ва година, што според него значи да ги научиме лекциите од минатото, но многу повеќе да бидеме фокусирани за идниот развој на нашата држава.
Тој истакна дека правата се трајни, но општествата се тие коишто мораат да напредуваат и оти нема дилема дека стекнати права од уставно-правна гледна точка или гледна точка на човекови права во еден поширок поим, не се права на коишто се навраќаме и ги преиспитуваме.
– И тука моја најголема грижа, ако ме прашувате која е мојата најголема грижа од политичка гледна точка во нашето општество, е дека сѐ уште постојат поединци и политички субјекти, пред сѐ политички партии, коишто се обидуваат да се наметнат како сопственици на една заедница по етничка линија. Какo само тие да се тие коишто штитат права на една етничка заедница или се грижат за одржување на стабилноста на меѓуетничките релации коишто постојат во државата. И тоа е најпасното, најопсаната теза којашто можеме да дозволиме да постои во нашата држава, потенцира Муцунски.
Според него, на пример политиката на привлекување на странски инвестиции не е политика што е насочена кон една етничка заедница, таа е политика за сите граѓани.
– Ние пред сѐ ако погледнете било која политика којашто се гради во рамките на државата, еве политиката на привлекување на странски директни инвестиции – кога се отвора нов субјект, претстава, значи странска компанија којашто доаѓа во нашата држава, кога таа вработува, таа не гледа дали лицето коешто го вработува го носи името Вјоса или Виктор, таа гледа да вработи државјанин на нашата држава, да обезбеди квалитетно работно место и да го вработи најдобриот можен кадар. Политиката на привлекување на странски инвестиции не е политика што е насочена кон една етничка заедница, таа е политика за сите граѓани. И тоа важи и за образовната политика, и за здравствената политика, како што се градат субјекти на јавното здравство, објекти на јавното здравство — на територијата на Скопје, се градат и во Штип, и во Тетово, и во Гостивар, се инвестира во целата држава, истакна шефот на дипломатијата.
И тоа, додаде министерот, е првата порака којашто треба како општество да ја пратиме – дека ние треба да бидеме насочени кон развојни политики кшто ја обединуваат државата, а не политики што ја делат и коишто се обидуваат да наметнат дека само некои субјекти и некои поединци ги штитат пошироките интереси на државата.
– Koга гледаме како кон предизвиците: голем предизвик на нашето општество против којшто се бориме и како влада и како држава е корупцијата. Корупцијата нема етничка припадност. Корупцијата, кога е распространета во повеќе пори на општеството, таа е заедничка борба, заеднички труд на оваа влада да се справи со неа, независно дали е тоа преку системот на јавната безбедност, дали е тоа преку реформа на системот на правосудството. И затоа јас би рекол дека пораката којашто треба да ја упатиме е дека првите 25 години коишто сега веќе ги надминуваме беа посветени на градење на доверба, на застапеност и на такви, на такви поими, а следните 25 години мораме да ги насочиме кон одговорност, квалитет и резултати. Не на помалку права, туку на градење на подобри, на подобри и поквалитетни институции, не на помалку различност, туку на повеќе, повеќе заедништво – рече Муцунски.
Тој оцени дека тоа е државата што треба да ја градиме – држава на еднакви права, држава на еднакви можности, но и на лична одговорност.
– И сметам дека, тоа е мое лично убедување, дека како општество сме созреале, сме во една таква фаза на нашиот општествен развој, да го вратиме принципот на заслуга и пред сѐ да создадеме систем на поголема доверба којшто ќе ги задржи младите генерации да сакаат, сакаат да останат во државата. Бидејќи основниот предизвик, ако гледаме од сега до 2051-та година, е предизвикот на демографијата. Кога се иселуваат млади од државата, се иселуваат и Македонци, Албанци, и Турци, Бошњаци, Роми, Власи — сите се иселуваат кога не се создаваат добри услови. А кога се враќаат млади луѓе, како што гледаме во последниот период повеќе примери на млади луѓе коишто се враќаат да ја бараат иднината во државата, тие се враќаат исто така од општества коишто се демократски и етнички созреани и сакаат и тука да живеат во такво општество — општество коешто не е поделено, туку општество коешто е обединето – посочи Муцунски.
Според него, целта на државата пред сѐ треба да биде во рамките на таквите либерални демократски вредности да, да продолжиме да инвестираме, да бидеме фокусирани на проекти коишто ја одржуваат таа стабилност којашто ја имаме во државата.
-Но и на оние поединци и субјекти коишто сакаат сѐ уште низ призмата на дневната политика да нѐ делат по однос на етнички прашања, да им пратиме јасна порака дека таа реторика во ова време во коешто живееме нема да помине – потенцира министерот на панелот по повод 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор.
Ферати: 25 години од Охридскиот рамковен договор, фокус кон иднината, владеењето на правото и младите
Одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор не треба да биде само потсетување на минатото, туку можност вниманието да се насочи кон иднината и кон предизвиците кои претстојат, порача денеска министерот за односи меѓу заедниците, Агон Ферати, на втората панел-дискусија на тема „Иднината на Охридскиот договор и градењето одржлив мир“, на настанот организиран од Министерството кое го предводи.
На настанот, по повод одбележувањето на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, Министерството за односи меѓу заедниците организираше инклузивен панел на кој учествуваа универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество.
-Овој настан не е само за одбележување на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор. Тој е можност нашето внимание да го насочиме кон иднината – кон зајакнувањето на владеењето на правото, развојот на едно поинклузивно општество и особено, кон градењето капацитети и создавањето повеќе можности за младите – истакна Ферати.
Тој нагласи дека младите претставуваат најголем ресурс на државата за градење на поразвиено и постабилно општество и за обезбедување повисок животен стандард.
Ферати изрази очекување дека преку панелот ќе се придонесе кон зајакнување на толеранцијата, меѓусебното разбирање и соработката меѓу заедниците, нагласувајќи дека отворениот и конструктивен дијалог е неопходен за создавање нова култура на политички и општествен дијалог.
-Таквиот отворен и конструктивен дијалог би бил силна порака до јавноста и темел за градење на нашите внатрешни капацитети за нова култура на политички и општествен дијалог – рече Ферати.
Тој ја истакна и разновидноста на учесниците на денешниот настан, оценувајќи дека присуството на различни профили и перспективи му дава посебна вредност на дискусиониот процес.
-Денес на овој панел имаме универзитетски професори, експерти од различни области, поранешни дипломати, политичари, еминентни новинари, како и претставници на фондации и организации кои работат со граѓанското општество. Токму оваа разновидност на гласови му дава вредност на овој дискусионен процес – истакна Ферати.
Во рамки на вториот панел се обрати и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кој порача дека Охридскиот рамковен договор не треба да се смета за замрзнат документ од 2001 година, туку е потребна негова адаптација на потребите на граѓаните и демократските европски стандарди.
-Токму тука е значењето на тоа што го направивме во текот на овие две години владеење. Ние влеговме во нова фаза од административни механизми кон законски институционални гаранции. Сега имаме значајни примери за правичната застапеност. Години по ред ова начело се спроведуваше преку административните механизми, а денес целта е тој да се уреди во посебен закон и да претставува јасна обврска за државните институции. Владата изготви законско решение за правична застапеност, префрлувајќи го ова прашање од административен механизам на ниво на законско уредување. Ова претставува суштинска разлика, бидејќи еден механизам може да се злоупотреби, промени и примени според потребите на институцијата, додека законот нуди одржливост, институционална одговорност и инструмент за спроведување – посочи Меџити.
Тој рече дека ист пристап се применува и во однос на користењето на албанскиот јазик.
-Денес зборуваме за право, користење и обврска на сите институции за неговата примена. Нашата работа направи систем каде што во текот на примената има празнини или пречки да се создадат решенија коишто овозможуваат функционалност во праксата – рече Меџити.
Нагласи дека Рамковниот договор има и друга димензија, а тоа е отворање на можностите за примена на правата, кои произлегуваат од децентрализацијата, односно со него, како што кажа, се зајакна државата преку проширување на надлежностите на општините и извршување на овие надлежности.
-Во овој правец, во текот на последните две години, имаме направено значаен чекор. Отворивме процес на понатамошно проширување на процесот на децентрализација. Покрај законските норми, имаме поставено критериуми без кои не може да се функционира соодветно. Преку финансирање на капитални проекти на централно ниво, на располагање се ставени стотици милиони евра за општините, само за локални проекти: улици, градинки, училишта и други видови јавни инфраструктури. Овој модел на финансирање за првпат ги опфати општините со мнозинство Албанци и општините каде што Албанците се застапени во голем дел. Се распределуваат ресурсите на правичен и пропорционален начин во општините Чаир, Гостивар, Струга и други општини. Ова е начин како децентрализацијата добива вистинско значење, бидејќи не завршува со тоа да трансферирате надлежност на хартија, туку и финансиски капацитет да го остварите тоа – рече Меџити.
Тој нагласи дека зајакнувањето на општините преку рамномерен развој не завршува кај локалната самоуправа, туку потребни се и стратешки проекти коишто ги поврзуваат општини, нудат економски можности и ги приближуваат граѓаните. Тука ги спомена Коридорот 8, автопатот Скопје – Блаце и додаде дека развојот треба да се насочи и во образованието, каде ја издвои изградбата на новиот кампус на Универзитетот „Мајка Тереза“, што, како што рече е инвестиција за високото образование на албанскиот јазик.
На вториот панел се обрати и експертот за регионални прашања и дипломатија, Илир Кула, кој нагласи дека кога се говори за иднината, треба да се земе предвид дека таа им припаѓа на младите, но и на сите народи, кои живеат во овој регион.
Кула истакна дека безбедносните меѓународни системи се едноставни, но во исто време и сложени. Додаде дека постојат пет столбови кога се говори за мирот и иднината, а меѓу нив е економијата.
-Ниту еден од нас нема да биде среќен доколку немаме силна економија и тука припадноста на каква било заедница, верска и етничка го губи значењето – рече тој и нагласи дека Македонија беше најсиромашната југословенска република, а сега треба да предвидиме какви ќе бидеме во Европската Унија, односно каква економска сила би била државата.
Тој додаде дека еден од столбовите е и здравството и напомена дека секој граѓанин кога се соочува со здравствена криза, не е важно од каде доаѓа и на која етничка заедница припаѓа, туку на достоинствен начин да го решите проблемот.
-Кога се соочувате со здравствен проблем и сте на крајот од животот и имате проблеми, не е важно кој јазик го зборувате, на која заедница ѝ припаѓате, туку важно е со какво достоинство ќе се соочите со крајот на животот, бидејќи животот колку и да е убав, на крајот е тежок и важно е да имаме достоинство и достоинствен крај. И да бидеме дел од европската иднина, ние сите треба да имаме една од поважните работи, а тоа е здравјето и животот – нагласи Кули.

































