ФМ Антон Златков

ШАХ – ПО ПЕТТОТО КОЛО НА ЕП ЗА ЈУНИОРИ

  • Неофицијално дознаваме дека вториот македонски претставник Мајкл Бурнс поради здравствени проблеми го напуштил ЕП

Македонскиот ФИДЕ-мајстор (ФМ), член на ШК Гамбит Асеко СЕЕ, Антон Златков (2.389 рејтинг-поени, рангиран 12. пред ЕП), по пет изминати кола на Европското првенство (ЕП) за јуниори (до 20 год.), кое во девет кола се игра во Цетиње (Црна Гора), засега е на извонредното второ место, со четири поени (три победи и две ремија), играчки перформанс од 2,522 поени и нови 15,6 р.п. По стартната победа, во второто коло Златков со бели фигури ремизира со ФМ од Албанија, Ергит Рамај (2.305, рангиран 29.), во третото со црни фигури го надигра ФМ од Ерменија, Марвел Аралекјан (2.299), по маратонски 131 одигран потег! Во четвртото коло Златков како „бел“ ремизира во 45-от потег со ФМ од Русија, Михеи Навуменка (2.297, рангиран 32.), додека во петтото со црни фигури беше подобар од литванскиот ФМ Занас Наинус (2.313, рангиран 27.). Вчера беше слободен ден на ЕП, а денеска со бели фигури за ривал го има ИМ од Ерменија, Алекс Сахакјан (2.349, рангиран 14).
Вториот македонски претставник, членот на ШК Капабланка, Мајкл Бурнс (2.217, рангиран 41. пред ЕП), по првите четири кола забележа една победа (во четвртото коло) против Црногорецот Томан Периќ (1.718), додека трипати загуби. Бурнс повеќе не фигурира на играчката листа, а неофицијално дознаваме дека поради здравствени проблеми го напуштил ЕП.
На ЕП 2026 во машка конкуренција играат вкупно 68 шахисти (два ВМ, 10 ИМ, 27 ФМ) од 33 држави, а засега води ВМ од Ерменија, Емин Оханјан (2.517, рангиран 2.) со 4,5 поени. Кај шахистките играат 43 шахистки (еден ИМ, четири ЖИМ, еден ФМ, 14 ЖФМ) од 26 шаховски федерации, а по петтото коло води прворангираната, ИМ од Холандија, Елине Роеберс (2.371) со 4,5 поени. Г.И.