ВИЗИЈА ЗА МОДЕРНО, ОДРЖЛИВО И ПРАВЕДНО ЗДРАВСТВО (2)
Во првото поглавје беше објаснето како се развивал македонскиот здравствен систем и зошто организациските решенија што биле донесени во минатото биле оправдани во тогашните околности. Едно од најзначајните решенија е воспоставувањето на мрежата на здравствени установи, која и денес претставува основа на организацијата на здравствената заштита во РС Македонија.
Според Законот за здравствената заштита и Уредбата за мрежата на здравствени установи, државата ја планира организацијата на здравствената заштита врз основа на повеќе критериуми: бројот и старосната структура на населението, географската распределба, кадровските капацитети, просторните услови, медицинската опрема, економската оправданост, достапноста на здравствените услуги и технолошкиот развој.
Со ова се обезбедува рамномерна распределба на здравствените капацитети и се создава систем во кој секој граѓанин има пристап до основните здравствени услуги, без оглед на местото на живеење.
Кога ваквиот модел беше воспоставен, тој претставуваше рационално решение. Македонија беше држава во транзиција, со ограничени финансиски средства и со потреба внимателно да ги распределува здравствените ресурси. Централното планирање овозможи да се избегне неконтролирано отворање здравствени установи во едни средини, додека други да останат без основна здравствена заштита.
Но здравствениот систем не е статична категорија. Во последните триесет години Македонија претрпе големи демографски промени. Дел од населението се исели во странство, а значителен број граѓани од помалите општини се преселија во Скопје и во другите поголеми градови. Денес постојат региони каде што бројот на жители е значително намален, додека во други побарувачката за здравствени услуги постојано расте.
Истовремено, медицината направи огромен технолошки напредок. Многу операции што порано бараа повеќедневна хоспитализација денес успешно се изведуваат како еднодневни хируршки процедури. Современата дијагностика овозможува побрзо поставување на дијагнозата, а новите технологии ги зголемуваат безбедноста и ефикасноста на лекувањето.
Промени има и кај пациентите. Денешниот пациент е подобро информиран, полесно патува и има повисоки очекувања. Тој сака да биде лекуван таму каде што ќе добие најдобар квалитет, најсовремена опрема, искусен медицински тим и најкусо време на чекање.
Интересно е што токму критериумите врз кои се темели мрежата на здравствени установи предвидуваат таа да ги следи демографските промени, миграциите, достапноста на здравствените услуги и технолошкиот развој.
Тоа значи дека мрежата никогаш не била замислена како непроменлива категорија. Напротив. Таа треба да се приспособува на реалните потреби на населението.
Токму затоа денес треба да се постави едно стручно прашање: Дали постојниот модел на административно планирање и понатаму е најдобриот начин за организација на здравствениот систем или е време постепено да се премине кон модел во кој најважен критериум ќе биде квалитетот на здравствената услуга
Ова не значи дека државата треба да ја намали својата улога. Напротив. Нејзината улога останува клучна.
Државата треба да продолжи да ги определува националните здравствени политики, да ја гарантира достапноста на здравствената заштита, да ги утврдува стандардите, да ја контролира безбедноста на пациентите, да врши акредитација и инспекциски надзор и да им обезбеди еднаков третман на сите граѓани.
Но наместо главниот акцент да биде ставен на административните ограничувања, постепено тежиштето треба да се префрли кон квалитетот, резултатите од лекувањето, стручноста на кадарот и исполнувањето јасно дефинирани стандарди.
Тоа претставува природен развој на здравствениот систем, а не негово негирање. Следниот чекор затоа не е укинување на мрежата на здравствени установи, туку нејзина еволуција во мрежа на квалитет, во која секој пациент ќе биде сигурен дека, без разлика каде ќе се лекува, ќе добие здравствена услуга што ги исполнува највисоките професионални стандарди.
(продолжува утре)
Д-р спец. Наум Трпеноски
Авторот е специјалист офталмолог – хирург и магистер по здравствен менаџмент































