Фото: ЕПА

Генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш, денеска во своето последно обраќање пред Генералното собрание на ОН повика на запирање на војните, регулирање на вештачката интелигенција, посилна борба против климатските промени и темелни реформи на меѓународните институции.

Говорот беше дел од завршницата на неговото десетгодишно раководење со ОН. Вториот петгодишен мандат на Гутереш истекува на 31 декември.

Осврнувајќи се на состојбите на Блискиот Исток и безбедносните ризици за поморските патишта, Гутереш повика на „деескалација и дијалог“.

 – Заедно да испратиме јасна порака од оваа сала: борбите мора да престанат. Хуманитарната помош мора непречено да пристигнува, а правата и слободите на пловидба мора целосно да бидат обновени во согласност со меѓународното право – рече Гутереш.

Делегатите со аплауз го поздравија неговото залагање за решението со две држави – Израел и Палестина, како и за принципот според кој „загадувачите мора да платат“ за последиците од климатските промени.

Гутереш повторно повика и на воспоставување глобален надзор над ризиците поврзани со вештачката интелигенција.

 – Земјите што ја предводат оваа технолошка револуција мора да споделуваат информации за новите безбедносни ризици, да соработуваат во тестирањето и процената и да работат на заеднички заштитни мерки што ќе нè заштитат сите – истакна тој.

Тој ги повика светските лидери да создадат услови за одговорен развој на вештачката интелигенција, со дополнителни заштитни мерки и мултилатерална рамка за управување со ризиците, поддржана од независен надзор.

Говорејќи за состојбата во системот на ОН, Гутереш предупреди дека механизмите за колективно дејствување се под сè поголем притисок.

 – Нашите механизми за колективно дејствување се под сè поголем притисок, а глобалните институции сè уште ги одразуваат односите на моќ и интересите на една ера што главно е минато – изјави тој.

Гутереш во говорот се збогуваше со повеќето светски лидери со кои соработуваше во изминатата деценија, порачајќи дека и по истекот на мандатот ќе продолжи да се залага за вредностите на Повелбата на Обединетите нации и за глобалниот мир.

На дипломатскиот собир во Њујорк присуствуваат речиси 130 светски лидери, додека меѓу отсутните се кинескиот претседател Шји Џинпинг и претставници на Јужна Африка, Индија и Германија.