Фото: ЕПА

Американскиот претседател Доналд Трамп денеска се обрати пред Генералното собрание на Обединетите нации, како втор говорник по бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва.

Во говорот Трамп стави акцент на развојот на вештачката интелигенција, војната во Украина и конфликтот со Иран, притоа најавувајќи дека светот влегува во ера на, како што ја нарече, „супер-интелигенција“, пренесе МИА.

Тој најави дека САД ќе го поттикнуваат развојот на вештачката интелигенција и оцени дека таа технологија ќе има поголемо влијание од индустриската револуција и интернетот.

 – Во сите законски документи и регулации од денеска вештачката интелигенција ќе биде позната под името супер-интелигенција. Јас нема да дозволам да се попречува развојот на нешто што ќе биде поголемо од индустриската револуција, поголемо од интернетот. Напротив, ќе го поттикнеме развојот на супер-интелигенцијата – изјави Трамп.

Трамп оцени дека САД имаат предност пред Кина во развојот на вештачката интелигенција и порача дека Вашингтон ќе продолжи да ја зајакнува таа позиција. Тој ги отфрли предупредувањата за опасностите од технологијата и ја критикуваше регулацијата што би можела да го забави нејзиниот развој.

Говорејќи за Украина, Трамп изјави дека војната ќе заврши „многу поскоро отколку што мислиме“ и рече дека работи со лидерите на Русија и Украина на решавање на конфликтот.

 – Војната во Украина ќе заврши многу поскоро отколку што мислиме. Работам многу тесно со лидерите на Русија и на Украина и ќе го решиме тој проблем – истакна Трамп.

Тој додаде дека не може повеќе да поднесе да ги гледа фотографиите од бојното поле и жртвите на двете страни.

Во однос на Иран, Трамп ја бранеше одлуката на САД да започнат воени дејствија и ја обвини Техеран дека одбивал да постигне договор за нуклеарната програма и дека го попречувал нормалното одвивање на поморскиот сообраќај низ Ормускиот Теснец.

 – Јас сум решен дека Иран никогаш нема да има нуклеарно оружје. Ги повикувам сите држави да ни се приклучат, да спроведеме економска изолација на Иран додека не ги запрат нивните напади врз трговските бродови, се откажат од своите нуклеарни амбиции и ја запрат поддршката на тероризмот – изјави Трамп.

Трамп, исто така, рече дека очекува договор со Иран по ноемвриските конгресни избори во САД. Ројтерс известува дека Трамп повикал на целосна економска изолација на Иран, додека Техеран претходно сигнализирал можност за продолжување на дипломатските разговори.

За време на неговото обраќање, иранската делегација ја напушти салата кога Трамп започна да зборува за Иран. Според АП, делегацијата ја напуштила салата додека Трамп ги опишувал воените дејствија на САД против Техеран.

Трамп во говорот ја пофали и улогата на НАТО во европската безбедност, особено генералниот секретар Марк Руте, при што се осврна на зголемувањето на издвојувањата за одбрана кај членките на Алијансата.

Обраќањето на Трамп доаѓа во услови на продолжени конфликти на Блискиот Исток и во Украина, како и зголемена меѓународна дебата за иднината на вештачката интелигенција и нејзиното регулирање.