Фото: Маја Јаневска Илиева

Работењето на „Лидл“ во Македонија ќе придонесе за подобрување на бизнис-климата, нови инвестиции и подобар пласман на домашните земјоделски производи, порача вицепремиерот Александар Николоски на поставувањето камен-темелник на новиот маркет на „Лидл“ во Струмица, пренесе МИА.

Тој оцени дека влезот на германскиот трговски синџир е значајна инвестиција за државата, посочувајќи дека планираните вложувања од околу 200 милиони евра ќе имаат позитивно влијание врз економијата и отворањето нови работни места.

Николоски нагласи дека најголема корист од инвестицијата ќе имаат домашните земјоделци, особено производителите од Струмичкиот регион. Според него, „Лидл“ има потенцијал да ги пласира квалитетните македонски земјоделски производи не само на домашниот, туку и на регионалните пазари.

Градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, истакна дека изградбата на новиот маркет е потврда дека градот е атрактивна дестинација за домашни и странски инвеститори. Тој рече дека проектот ќе донесе нови работни места, поголема конкуренција на пазарот и ќе придонесе за локалниот економски развој.

Оперативниот директор на „Лидл“, Рубријан Хаџиев, изјави дека новиот објект во Струмица е дел од поширокиот инвестициски план на компанијата во Македонија. Според него, досега се вложени над 200 милиони евра во развој на инфраструктурата, со цел купувачите да добијат квалитетна и достапна услуга низ целата земја.

Новиот маркет во Струмица ќе зафаќа површина од 2.445 квадратни метри, ќе располага со 111 паркинг-места, а околу 20 проценти од просторот ќе биде наменет за зелени површини.