Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт до Основниот кривичен суд Скопје против директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој е обвинет за кривичното дело „примање поткуп“, пренесе МИА.
Според Јавното обвинителство, истрагата покажала дека обвинетиот, како директор на Инспекторатот, во март годинава побарал и примил значителна имотна корист за да изврши службено дејствие што не смеел да го изврши.
Обвинителството наведува дека тој вршел притисок да не биде одобрен увоз на вештачко ѓубриво за компанија која се занимава со производство и увоз на овој производ, иако претходно без проблем увезувала ваков вид стока. Воедно, според обвинението, влијаел врз фитосанитарен инспектор на граничен премин да не го дозволи влезот на пратката, поради што таа неколку дена останала задржана на границата.
Според обвинителниот акт, на 13 март во Свети Николе директорот побарал поткуп од 100.000 евра за да овозможи одобрување на конкретниот, но и на идните увози на вештачко ѓубриво, при што побарал сумата да биде исплатена во три рати.
На 19 март, по предавањето на првата рата од 50.000 евра преку посредник, обвинетиот бил уапсен од полициски службеници во моментот кога ги преземал парите.
Со обвинителниот акт, јавниот обвинител побарал и продолжување на мерката притвор против обвинетиот, поради околностите поради кои таа претходно била определена.





































