Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

  • Оваа напната битка на волји се води на растојание од 11 метри помеѓу белата точка и гол-линијата. „Во нашето истражување, единствената емоција за која сите се согласуваат дека е присутна е вознемиреноста“, рече Геир Јордет, професор на Норвешката школа за спортски науки и автор на книгата „Притисок: Лекции од психологијата на изведувањето пенали“, пишува АП. Рекордни пет натпревари на Светското првенство во 2022 година во Катар беа решени со изведување пенали, вклучувајќи го и финалето, а на СП 2026 по првите седум меча од нокаут-фазата имаше два меча што беа решени со пенали

На Светското првенство (СП) во САД, Мексико и во Канада во тек е фазата на елиминации и притисокот продолжува да расте со секоја минута од секој натпревар, а најголемиот од сите се пенал-сериите. Исцрпените играчи и голмани се соочуваат во напната конфронтација „еден на еден“ што ги носи надежите и соништата на цели нации, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП). Два од првите седум натпревари во 1/16-финалето беа решени со пеналите, во кои Мароко ја победи Холандија, а Парагвај ја победи Германија.
– Таквиот притисок може да достигне „нехумани“ нивоа, речиси целиот е фокусиран на изведувачите на пенали – рече Геир Јордет, професор на Норвешката школа за спортски науки и автор на книгата „Притисок: Лекции од психологијата на изведувањето пенали“, пишува АП.
– Во нашето истражување, единствената емоција за која сите се согласуваат дека е присутна е вознемиреноста – рече Јордет.
Може да има уште повеќе изведувања пенали, повеќе притисок, повеќе вознемиреност. Рекордни пет натпревари на Светското првенство во 2022 година во Катар беа решени со изведување пенали, вклучувајќи го и финалето, кога Аргентина ја победи Франција.

Изведувачот на пеналот

Оваа напната битка на волји се води на растојание од 11 метри помеѓу белата точка и гол-линијата. Пенал-сериите беа воведени во 1970 година и решија неколку од најголемите светски турнири. Првото финале на светско првенство што беше одлучено со пенали беше победата на Бразил на дуелот со Италија на Мундијалот во 1994 година.
Техниките се разликуваат. Некои го изведуваат ударот брзо. Други застануваат, длабоко вдишувајќи, смирувајќи се пред да се приближат кон топката. Некои трчаат и силно шутираат. Популарна варијација е чекорот со застанување, чекајќи голманот да тргне во една насока.
Изведувачот на пеналот се соочува со најголем притисок во тој момент бидејќи се очекува да постигне гол, изјави Јордет за АП преку е-пошта.
– Истражувањата покажуваат дека играчите што тргнуваат кон топката речиси веднаш по свирежот на судијата почесто промашуваат од оние што чекаат помеѓу две и пет секунди. Претпоставуваме дека е така затоа што оние што чекаат екстремно кратко понекогаш го прават тоа затоа што, разбирливо, само сакаат да ја завршат оваа стресна ситуација – рече Јордет.
Потребна е храброст за да се биде во тој момент, рече напаѓачот на репрезентацијата на САД, Кристијан Пулишиќ.
– За луѓето што одат и шутираат е потребна голема храброст. Не е лесно. Голманите стануваат сѐ подобри и подобри секоја година – рече Пулишиќ, пренесе АП.

Погледот од голот

Стоејќи помеѓу стативите, голманите имаат три основни избори. Да одат лево, да одат десно или да останат во средината во таа игра на погодување и на исчекување, пишува АП. Најдобрите голмани се „креативни, промислени и непредвидливи“ во нивните обиди да го попречат шутерот, рече Јордет. Тактиките можат да вклучуваат фрлање на топката, вербални навреди и физичка конфронтација околу белата точка, а менталните игри можат да станат толку непријателски, што може да резултира со жолт картон за голманот, пишува „Асошиејтед прес“.
– Би рекол дека секој е различен, секој голман е различен, секој има свои рутини – рече голманот на репрезентацијата на Англија, Џордан Пикфорд, пренесе АП.

Изборот на поставата има свој притисок

Изборот на поставата за изведување пенали има свои ритми и ризици за тренерот и за тимот. Тоа е деликатна рамнотежа помеѓу аналитиката, искуството и интуиција. Некои играчи ќе бидат автоматски избори. Замислете Франција во изведување пенали без Килијан Мбапе или Аргентина без Лионел Меси, кога титула на светско првенство е во игра, пишува АП.
– Поставата за изведување пенали треба да се одлучи и да се дискутира добро однапред, а не да се бара волонтер во моментот. Играчите треба да вежбаат со месеци однапред, да се погрижат кога ќе бидат повикани да изведат пенал, да имаат силна и робусна техника на изведување пенали и да имаат извежбана и стабилна рутина пред ударот, што може да помогне да се фокусираат на своето внимание. Со таков вид фокус, сте направиле сѐ што можете и исходот ќе биде таков каков што ќе биде – рече Јордет, пренесе „Асошиејтед прес“. Н.М.


СП 20261/16-ФИНАЛЕ

1. Германија – Парагвај 1-1 (3-4 п.)
2. Франција – Шведска 3-0
3. Јужна Африка – Канада 0-1
4. Холандија – Мароко 1-1 (2-3 п.)
5. Бразил – Јапонија 2-1
6. БСК – Норвешка 1-2
7. Мексико – Еквадор 2-0
8. Белгија – Сенегал синоќа
9. Англија – ДР Конго синоќа
10. САД – БиХ 2 ч.
11. Шпанија – Австрија 21 ч.
12. Португалија – Хрватска утре, 1 ч.
13. Швајцарија – Алжир утре, 5 ч.
14. Австралија – Египет утре, 20 ч.
15. Аргентина – Зелено`ртски О. сабота, 0 ч.
16. Колумбија – Гана сабота, 3.30 ч.

ОСМИНАФИНАЛЕ
А. Канада – Мароко сабота, 19 ч.
Б. Парагвај – Франција сабота, 23 ч.
В. Бразил – Норвешка недела, 22 ч.
Г. Мексико – Победник 9 понед., 2 ч.
Д. Победник 12 – Победник 11 понед., 21 ч.
Ѓ. Победник 10 – Победник 8 вторник, 2 ч.
Е. Победник 15 – Победник 14 вторник, 18 ч.
Ж. Победник 13 – Победник 16 вторник, 22 ч.
ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Победник Б – Победник А 9 јули, 22 ч.
Победник Д – Победник Ѓ 10 јули, 21 ч.
Победник В – Победник Г 11 јули, 23 ч.
Победник Е – Победник Ж 12 јули, 3 ч.