Одбивањето на Иран да го прифати предлогот на претседателот на Франција за „француско и европско учество“ во деминирањето на Ормускиот Теснец како повод
- Одбивањето на Иран да го прифати предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за француско и европско учество во деминирањето на Ормускиот Теснец не е само дипломатски одговор на една конкретна иницијатива. Тоа е политичка порака со силна симболика. Каква? И каде нашите соговорници ја гледаат врската на овој настан со Македонија и Макрон, како заеднички именител?
Официјален Техеран го одби предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за француско (и европско) учество во деминирањето на Ормускиот Теснец. Според нашите соговорници, искусни дипломати од кариера и политички аналитичари, одговорот на Техеран има големо значење, при што нивниот став е дека „одговорот на Иран е исклучително силен и храбар и со висока политичка антиципација“.
– Одговорот на Техеран е изграден врз нивното искуство за тоа какви политики водат европските либерални (империјалистички) елити од една страна, а и од друга страна искуствата на Иран што ги акумулирал како држава што повеќе од четири децении живее под санкции, закани, надворешни притисоци и различни форми на меѓународна изолација. За Техеран прашањето не е дали Франција би можела технички да помогне, туку дали нејзиното вклучување би значело отворање простор за ново политичко влијание врз процес што, според иранското толкување, веќе има договорена рамка меѓу Иран и Соединетите Американски Држави. Оттука, реакцијата на заменик-министерот за надворешни работи Казем Гарибабади е повеќе од протоколарна дипломатска нота. Таа ја реафирмира принципиелната позиција дека мировните аранжмани треба да ги спроведуваат страните што ги договориле, без дополнително проширување на кругот на актери. Во таквата логика, секое дополнително вклучување трети сили може да се сфати како отворање можност за нови условувања и редефинирање на веќе постигнатите договори – велат нашите соговорници, додавајќи дека Техеран очигледно не сака да дозволи мировниот процес да стане поле за политичко самопромовирање на европските сили.
Обид на Макрон меѓународно да се факторизира во пресрет на изборите дома
Од иранска перспектива, впечатокот е дека Макрон се обидува повторно да ја позиционира Франција како неизбежен фактор во решавањето на големите светски кризи, а преку тоа и да испрати порака дека Париз, заедно со дел од европските партнери, сè уште има капацитет да дејствува како глобален геополитички играч. Таквата оценка не произлегува само од актуелниот спор околу Ормускиот Теснец. Таа се надоврзува на еден подолг историски контекст.
-За Иран, западните интервенции ретко се паметат како примери на неутрално посредување. Напротив, во иранската политичка меморија доминира уверувањето дека големите западни сили честопати настапувале од позиција на сопствени стратегиски интереси, а не исклучиво во интерес на траен мир. Тоа е политичка перцепција што силно влијае врз денешните одлуки на Техеран, без оглед дали другите меѓународни актери се согласуваат со таквото толкување. Од таа перспектива, секој нов посредник не се гледа како гаранција за стабилност, туку како потенцијален носител на нови барања, условувања и дипломатски притисоци. Иранската политичка елита очигледно проценува дека отворањето простор за дополнителни европски иницијативи може постепено да ја релативизира рамката на договореното и да создаде нови центри на влијание врз процесот, а и врз самиот Техеран. Во такви околности, не е изненадувачки што официјален Техеран има став самиот да го контролира процесот на деминирање на Ормускиот Теснец. За Иран, овде не станува збор само за воено или безбедносно прашање. Станува збор за демонстрација на државен суверенитет – тврдат нашите соговорници со огромно дипломатско искуство во меѓународната политика и дипломатија.
Една компаративна димензија што неизбежно ја допира Македонија
Контролата врз Ормускиот Теснец отсекогаш имала симболична и стратегиска тежина што далеку ги надминува неговите географски димензии. Дополнителен политички контекст создава и европскиот воен проект што неформално се означува како „Коалиција на подготвените“, што се претставува како инструмент за побрза реакција во кризни ситуации, а од друга страна критичарите тврдат дека ваквите формати кријат агресивни амбиции, при што токму „коалицијата“ би можела да го намали просторот за поширок меѓународен (мировен) консензус, а да ја зголеми улогата на ограничен број држави во донесувањето безбедносни одлуки. Во таа смисла, иранската недоверба кон европските иницијативи добива дополнителна логика од перспектива на Техеран.
Тука се отвора и една поширока компаративна димензија што неизбежно ја допира и Македонија.
– За разлика од Иран, кој располага со значително поголем геополитички, демографски и безбедносен капацитет да ги брани сопствените позиции, Македонија своите евроинтеграции ги водеше од многу понееднаква позиција. Во домашната политичка дебата, т.н. француски предлог и придружните договорени механизми во земјава беа оценувани различно. Едни ги гледаа како неопходен компромис за продолжување на европскиот пат и сметаа дека е неопходно да се жртвуваат идентитетот, интегритетот и суверенитетот, додека другите сметаа дека тоа е национално предавство, дека таквите отстапки се идентитетско и политичко обезличување и дека секој чекор на попуштање создава долгорочни политички обврски и отвора простор за нови условувања.
Токму во тој контекст дел од македонската јавност ја користи метафората за „пајакова мрежа“, сугерирајќи дека еднаш прифатените политички рамки лесно можат да произведат нови барања. Иако мнозинскиот дел на граѓаните во Македонија втората опција ја увиде и се увери дека е вистински политички и национално исправна, за жал темата на постојани отстапки останува и денес предмет на јавна дебата, туркана од политичката опозиција. Токму во тој контекст, прашањето за односот меѓу велепредавството, компромисот и суверенитетот не е актуелно само во Македонија туку и на Блискиот Исток, во случајот со Иран и барањата (иницијативите) на Макрон. За разлика од Иран, Македонија, надевајќи се на принципиелност од страна на Макрон и Брисел, самата влезе во евроинтеграциски лавиринт од кој тешко се излегува, а Иран не наседнува толку лесно на политичко лицемерство – велат нашите соговорници, правејќи паралела на Македонија со Иран.
Од таа гледна точка, иранското одбивање може да се чита како обид да се избегне токму таквата состојба на која беше навлечена Македонија.
– Логиката е едноставна, имено ако еднаш е воспоставен механизам во кој трети страни добиваат право да влијаат врз спроведувањето на договорот, тогаш постепено може да се отвори простор и за нови барања што не биле дел од првичниот компромис. Не е тешко да се разбере и политичката симболика на пораката упатена од Техеран до Париз. Франција долго време се обидува да ја задржи својата традиционална улога на глобална сила. Но, во услови кога меѓународниот поредок станува сè повеќе мултиполарен, секоја ваква иницијатива природно предизвикува прашања околу мотивите, особено кај држави како Иран, кои историски покажуваат длабока недоверба кон западните посреднички мисии.
Затоа, главната порака од Техеран не е само одбивање конкретен предлог. Таа е потсетник дека суверенитетот, од перспектива на иранското раководство, не се дели ниту симболично ниту оперативно! Во свет исполнет со геополитички конкуренции, Иран очигледно проценува дека секое ново посредување или замешателство од трети страни носи и нов ризик од политичко влијание – образложуваат нашите соговорници.
Дали таквата процена е целосно оправдана е прашање за кое ќе продолжат да постојат различни мислења. Но неоспорно е дека одлуката на Техеран се темели врз сопственото историско искуство и врз процената дека зачувувањето на контролата врз мировниот процес е составен дел од зачувувањето на државниот суверенитет.
– Иран со одбивноста кон иницијативата на Макрон испраќа порака дека мирот не може да биде траен ако државите што го договараат чувствуваат дека врз нивниот договор постепено се надградуваат туѓи политички агенди – поентираат нашите соговорници, дипломати и експерти за меѓународни односи. П.Р.
Од наш агол
Силните пишуваат правила, слабите ги плаќаат последиците
- Не е тешко да се разбере зошто држави како Иран гледаат со голема резерва кон секое ново „добронамерно“ посредување на големите западни сили. Од нивна перспектива, историското искуство создава сомнеж дека зад реториката за мир, стабилност и демократија честопати стојат и длабоки геополитички интереси
Повеќе од три децении меѓународната политика ни ја повторува истата лекција. Имено, кога аргументите на меѓународното право ќе се судрат со аргументот на силата, премногу често победува силата. Не затоа што е во право, туку затоа што располага со моќ да ја наметне својата волја. Во таков свет, принципите стануваат декларација, а интересите – правило.
Македонија е еден од најилустративните примери за таа сурова реалност. Наместо европските интеграции да бидат процес заснован врз Копенхашките критериуми, владеењето на правото и институционалните реформи, тие постепено се претворија во политички пазар во кој на маса се најдоа и прашања што длабоко навлегуваат во идентитетот, историјата и националното достоинство. Многубројни граѓани во земјава тоа го доживуваат како преседан во европската практика.
Токму затоа денес сè погласно се поставува прашањето: Ако една држава ги исполнува условите што ѝ се поставуваат, а потоа добива нови и нови барања, дали навистина станува збор за процес на интеграција или за механизам на политичко условување? Кога компромисот нема крај, тој престанува да биде компромис и почнува да личи на еднострано приспособување.
Во таа смисла, не е тешко да се разбере зошто држави како Иран гледаат со голема резерва кон секое ново „добронамерно“ посредување на големите западни сили. Од нивна перспектива, историското искуство создава сомнеж дека зад реториката за мир, стабилност и демократија честопати стојат и геополитички интереси. Дали таквата процена е оправдана е предмет на политичка дебата, но нејзиното постоење не може да се игнорира.
Европа сака да биде препознаена како заедница на вредности. Но вредностите ја губат својата морална тежина кога не се применуваат еднакво за сите. Ако правото важи само за слабите, а силните секогаш можат да го толкуваат според сопствените интереси, тогаш веќе не зборуваме за владеење на правото, туку за владеење на моќта. Македонија направи сериозни политички и уставни отстапки со очекување дека ќе добие јасна европска перспектива. Наместо затворање на спорните прашања, се отворија нови дилеми и нови услови. Тоа создаде чувство кај дел од јавноста дека секој исполнет услов не ја приближува земјата до целта, туку само ја поместува целната линија.
Најопасно е кога таквата практика ќе почне да се претставува како „нова нормалност“. Затоа што тогаш меѓународното право престанува да биде штит на помалите држави и станува инструмент што се применува селективно. А селективната правда, колку и да се обидува да се претстави како принцип, секогаш остава впечаток на политичка арбитрарност.
Историјата покажува дека трајниот мир не се гради врз притисок, туку врз заемна почит и доследност кон правилата. Кога правилата ќе почнат да се менуваат според тоа кој седи на масата, тогаш не победуваат аргументите, туку аргументот на силата. А тоа никогаш не било цврста основа за стабилен и праведен меѓународен поредок. Р.Н.М.

































