Стоп за историските ревизии на земји на ЕУ што го ставаат своето членство во Унијата во функција на моќ за бришење на своето мрачно минато
- Одредени членки на Унијата, користејќи ја својата позиција како членка на ЕУ, од позиција на сила, сакаат да направат активно „ретуширање на својот сопствен опскурен дел од националната историја“ (?!). Македонија жестоко го осети (на своја кожа) тоа во повеќе наврати, кога во процесот на евроинтеграции беше (и сѐ уште е) присилена да ги „амнестира“ своите окупатори од историјата, при што до неодамна, во јавниот говор, Скопје преземаше обврска и практикуваше да користи еуфемизми за Софија да не се почувствува навредена, а Македонија за возврат да не биде блокирана на евроинтегративниот пат и да избегне закана од гнев во одредени центри на европска моќ…
Европската Унија е родена од пепелта на Втората светска војна, изградена врз темелни вредности на антифашизмот, мирот и човековите права. Поради тоа, секоја земја членка и секоја држава што претендира да стане дел од европското семејство имаат обврска и одговорност јасно да се оградат од фашизмот (неофашизмот), антисемитизмот, нетрпеливоста, омразата и хегемонизмот, и доследно да ги почитуваат демократијата, човековите права, еднаквоста, меѓусебното почитување и суверенитетот на секоја држава. Во истиот контекст, мора јасно да се дистанцираат од трендот на историскиот ревизионизам, кој во последно време е во подем, особено во оние држави на ЕУ и кандидатки за Унијата што за време на Втората светска војна биле „на погрешната страна во историјата“. Некои членки на Унијата, пак, користејќи ја својата позиција како членка на ЕУ, од позиција на сила, сакаат да направат активно „ретуширање на својот опскурен дел на националната историја“ (?!). Македонија го осетила тоа во многу наврати, кога во процесот на евроинтеграции беше (и сѐ уште е) присилена да ги „амнестира“ своите окупатори од историјата и во јавниот говор да користи еуфемизми за да не се почувствуваат навредени, а таа да не биде блокирана од нивна страна на евроинтегративниот пат заради предизвикан гнев во одредени центри на европска моќ…
Но во ЕУ нема и не смее да има место за рехабилитација на лица, настани или на идеологии што се поврзани со фашизмот и нацизмот.
Овој принцип е еден од клучните услови за пристапување. Унијата бара од кандидатите искрено соочување со сопствената историја, бидејќи рехабилитацијата на контроверзни фигури директно ги поткопува вредностите врз кои почива Европа. Најсвеж пример, токму во врска со овој принцип, деновиве беше рефлектиран во пораките што пристигнаа од Полска до Украина.
Нема место за фашисти во европскиот пантеон
Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски испрати предупредување до украинските власти за глорифицирање контроверзни историски личности и воени злосторници, повлекувајќи директна паралела со влезот на Хрватска во Европската Унија. Во разговор за „Европска правда“, Сикорски нагласи дека Киев мора многу внимателно да избира кого ќе смести во својот национален пантеон ако сака да стане дел од европското семејство.
– Впрочем, кога Хрватска беше кандидат за влез во Европската Унија, ѝ беше речено: ако продолжите да ги фалите вашите фашисти од воениот период, си го ускратувате правото да припаѓате на нашето семејство, бидејќи во нашето семејство не ставаме фашисти на спомен-плочи – порача Сикорски, јасно алудирајќи на строгите услови и дистанцирањето од усташкиот режим што Брисел ги бараше од Загреб за време на преговорите.
Повод за ваквата порака беше расправата за Украинската востаничка армија (УПА), военото крило на Организацијата на украинските националисти под водство на Степан Бандера. Иако во современа Украина дел од јавноста ја доживува УПА како борци за независност против Советскиот Сојуз, историчарите и меѓународните експерти ја документираа нивната соработка со нацистичка Германија, како и етничкото чистење и масовните сотирања на десетици илјади полски цивили во Волинија и источна Галиција во 1943 година.
Сикорски застана на ставот дека Украина денес има безброј вистински неоспорни херои што ја бранат земјата од руската агресија и дека нема потреба од рехабилитација на оние со мрачно минато.
– Ако таму ставате луѓе што го извалкале угледот вршејќи воени злосторства, тогаш не бидете изненадени од реакциите од странство. Кажи ми кои ти се хероите, па ќе ти кажам кој си – предупреди тој.
Но говорејќи за европскиот пат на Украина, Сикорски истакна дека Полска нема да ги блокира преговарачките поглавја, иако Киев го чекаат исклучително тешки и болни преговори околу земјоделството и транспортот.
Зрел дипломатски модел наспроти вето-политика
Полска со ова покажа исклучително зрел дипломатски пристап, таа не ги крие ниту ги омекнува најболните прашања од историскиот ревизионизам и Волинскиот масакр, ниту, пак, тешките економски интереси, но одбива да ја користи евроинтеграцијата како инструмент за слепа блокада. Варшава му дозволува на Киев да напредува низ поглавјата, додека притисокот за решавање на спорните прашања го задржува во рамките на самиот процес на преговори.
Оваа политика поставува суштински прашања за однесувањето на Бугарија кон Македонија. Ако земја како Полска, која носи трагична и свежа историска рана со десетици илјади жртви, но и која полека го зазема местото во врвот на водечките европски економии, избира процес на преговори и демократска преобразба наместо вето, колку е тогаш одржлив, европски и легитимен концептот на Софија за целосна блокада на Македонија врз основа на флагрантни идентитетски и историски конструкти наметнати од Бугарија од позиција на сила и членка на ЕУ?
Блокада и провокации наместо европски принципи
За разлика од Полска, Бугарија постави непробоен ѕид пред македонската интеграција уште пред извршувањето на генералната фаза од преговорите. Наместо притисокот да се води низ институционален разговор за затворање на отворените прашања, Софија посегна по уцена.
Дополнително, парадоксот да биде поголем, Бугарија во Македонија формираше таканаречени културни клубови што носеа имиња на директни соработници и носители на фашистичкиот режим од Втората светска војна. Со тоа, наместо да ги штити европските вредности, Софија ги прекрши самите антифашистички темели на ЕУ, обидувајќи се да наметне историски наратив преку провокации.
Случајот со Полска и Украина јасно ја покажа линијата помеѓу легитимен притисок за расчистување со историскиот ревизионизам и неговото злоупотребување за билатерално вето. Оттука се поставува прашањето: Што е поефикасно за трансформација на една држава, бугарскиот модел на „паузирање на процесот“ преку уцени или полскиот модел на „трансформација за време на процесот“?
Нема никаква дилема дека Вашава му одржа лекција на Брисел дека евроинтеграциите треба да бидат мотор за промени, а не заложник на тесни националистички суети. Со ваквиот потег, Варшава ја демаскираше суштината на бугарското вето, покажувајќи дека историските рани не се лечат со блокирање на иднината, туку со соочување во рамките на процесот. Полска одбра да биде европски лидер што го води својот сосед низ тешка, но неопходна катарза, додека Софија заглави во улогата на кочничар што ја злоупотребува позицијата на моќ.
Македонија, од друга страна, останува сведок на очигледниот двоен аршин во Унијата, каде што за едни важи демократска трансформација низ преговори, а за други доживотна казна на европскиот праг. Време е Брисел (и меѓународната јавност) конечно да ја препознае оваа разлика и да побара од Софија да ги прифати истите европски принципи што Варшава веќе ги спроведува во пракса.
































