
ЕВРОПСКИ КУП ВО ЏУДО ЗА СЕНИОРИ „СКОПЈЕ 2026“
- За Џудо-федерацијата на Македонија, годинашниот Европски куп за сениори во Скопје претставува уште еден значаен чекор во континуираниот развој на земјата како домаќин на меѓународни џудо-натпревари, а настанот, покрај од претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот, на организациски план беше пофален и од претставниците на дипломатскиот кор во Македонија
Европскиот куп во џудо за сениори, „Скопје 2026“, и официјално беше отворен во саботата, најавувајќи викенд исполнет со врвно џудо во главниот град на Македонија. На церемонијата на отворањето присуствуваа истакнати гости, меѓу кои девет амбасадори, двајца градоначалници, претставници на Министерството за спорт и на Сојузот на спортски федерации, како и спортски делегации од цела Европа, што само му даде уште поголема димензија на овој значаен спортски настан на организациски план.
Честа официјално да го отвори настанот му припадна на претседателот на Европската џудо-унија (ЕЏУ), Унгарецот Ласло Тот.
За Џудо-федерацијата на Македонија (ЏФМ), годинашниот Европски куп за сениори во Скопје претставува уште еден значаен чекор во континуираниот развој на земјата како домаќин на врвни меѓународни џудо-натпревари, а настанот, покрај од претседателот на Европската џудо-унија, Ласло Тот, на организациски план беше пофален и од претставниците на дипломатскиот кор во Македонија.

Претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, пред почетокот на натпреварувањето, го истакна големиот број пријавени учесници годинава, како и вложениот труд во подготовките за ова значајно натпреварување.
– Целосно сме подготвени да ја продолжиме нашата низа на успешни организации на џудо-натпревари од највисоко ниво. Како резултат на високите оценки што нашата организација ги добила досега, ни беше укажана честа да бидеме домаќини и на овој Куп, кој ќе биде најголемото издание на овој натпревар одржано во која било европска земја досега – рече Владимир Трпаноски.
Со стотици спортисти што пристигнаа од цела Европа и пошироко, настанот понуди вредно меѓународно натпреварување и уште една можност за спортистите во подем, но и за етаблираните сениори, да ги одмерат силите на светската сцена.
– Би сакал уште еднаш да нагласам дека своето учество го потврдија некои од најдобрите европски и светски џудисти, така што очекуваме натпревар на врвно ниво – дополни претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, кој на чинот на отворањето им додели соодветни признанија на Ласло Тот и на претставникот на Министерството за спорт, Илија Ристески.
По завршувањето на официјалниот дел, вниманието се насочи кон татамите, каде што првиот натпреварувачки ден донесе неизвесни борби, решителни настапи и навивачка атмосфера на трибините, а потоа беа доделени и првите медали.

Вниманието вчера беше насочено и на вториот и последен натпреварувачки ден во Скопје, каде што претстоеја уште борби и доделување медали, односно уште една богата натпреварувачка програма во рамките на Европскиот куп во џудо, а самиот настан можеше да се следи и во живо преку каналот „Џудо ТВ“.
Импресивниот број пријавени учесници за дводневниот натпревар, вкупно 439 од 42 земји, од четири континента, уште еднаш само ја истакна растечката меѓународна привлечност на настанот и динамичниот викенд на татамите што остана зад нас.
Ова не беше само уште едно големо спортско натпреварување. Ова е резултат на посветеноста, професионалноста и на одличната организација на Џудо-федерацијата на Македонија, која со секој следен меѓународен настан уште повеќе го гради имиџот на Македонија на европската и на светската џудо-сцена.
Ако се свртиме назад, ќе видиме дека Македонија и Скопје четири пати во низа го организираа Европскиот куп за јуниори. Во Скопје во 2025 година се одржа и Европското првенство за кадети, истата година во Скопје и во Куманово се одржа и Европскиот младински олимписки фестивал (ЕМОФ), а меѓу 15-те спорта беше застапено и џудото. Не изостанаа и повеќе успешно организирани џудо-кампови.
В година, пак, во Скопје ќе се одржи и Европското првенство (ЕП) во џудо на униформирани сили, откако во август годинава на свечена церемонија одржана во Бирмингем (Англија) на Трпаноски и официјално му беше предадено знамето на Европската џудо-унија.
Сето ова, пак, резултира со тоа во 2025 година претседателот на Џудо-федерацијата на Македонија, Владимир Трпаноски, да биде прогласен од Европската џудо-унија за „херој на годината“, како симбол на лидерството, визијата и на исклучителниот придонес во развојот и во промоцијата на европското џудо, а Џудо-федерацијата на Македонија да ја добие престижната награда од Европската џудо-унија, за најдобар европски организатор за минатата година.
Што се однесува до натпреварувачкиот дел, по првиот ден на Европскиот куп во џудо за сениори, „Скопје 2026“, вкупно 12 држави се закитија со медали, а најуспешна беше репрезентацијата на Русија, со вкупно 10 медали, од кои две златни, три сребрени и пет бронзени. На табелата со освоени медали потоа следуваше селекцијата на Франција со пет медали (по две злата и бронзи и едно сребро).
Освен Русија и Франција, најмалку по едно злато по првиот натпреварувачки ден освоија и репрезентациите на Хрватска, Грузија и на Холандија. Македонската репрезентација во оваа врвна џудо-конкуренција на Европскиот куп за сениори настапи со 11 џудисти и една џудистка, предводени од селекторот Горан Мицкоски. Г.И.
Освоени медали по првиот натпреварувачки ден
ДРЖАВА ЗЛАТО СРЕБРО БРОНЗА
Русија 2 3 5
Франција 2 1 2
Хрватска 1 – –
Грузија 1 – –
Холандија 1 – –
Италија – 2 1
Словачка – 1 –
Германија – – 2
Полска – – 2
Белорусија – – 1
Бугарија – – 1
Шпанија – – 1
Извор: Европската џудо-унија
































