Освежениот лик на македонската пропадната лустрација

758

Досиејата на кодошите станаа акции што им гарантираат на нивните нелегални сопственици способност да ги контролираат и експлоатираат економијата и политиката. Лустрацијата требаше да го запре овој систем на изнуда и уцена. Не го стори тоа. Злото и шлајмот во општеството останаа негибнати

Темелко Ристовски. Некој ќе помисли дека вакви ликови сѐ уште живеат само во филмовите од времето на комунизмот, да нѐ потсетуваат на злото што го продуцира во името на една забегана идеологија. А тоа да ти бил лик од современата македонска транзиција. Да ти бил и професор, член на Комисијата за помилување на претседателот на државата, а ваму кодош во слободно време. Тој е освежениот лик на македонската пропадната лустрација. Не знам зошто сме изненадени дека ваквите ликови се нашата реалност и триесет години по независноста на државата? Платени од државата, преку „државотворната“ партија на власт. Ништо ново и ништо изненадувачки.
Убаво е да се уверат некои луѓе што фанатично беа против лустрацијата, а богами и политиката дека триесет години по колапсот на државниот социјализам, минатото не е ниту мртво ниту дури минато. Социјализмот со кодошки лик е присутен и жив и денес. А сaмо што помислив дека ја затворивме приказната за лустрацијата, за расчистувањето со комунистичкото минато, за транзициската правда, за жртвите на комунизмот. Со своите аватари наследството на комунизмот гледам сè уште ја прогонува јавната сфера и сега е во конкуренција со оживеаните сеништа од комунистичкото време. Кога не успеавме да направиме дисконтинуитет во вредностите од стариот режим, правна делегитимизација на поранешниот режим, кога останавме ригидно врзани за позитивистичките правни традиции на Европа од времето непосредно по Првата светска војна, кога не научивме дека лустрацијата е инкорпорирање на концептот на природни права во правниот систем на државата, создадовме нова политичка жабокречина во која виреат освежените „демократизирани“ кодоши. Како овој патетичен лик.
Сите правни системи произведуваат многу несовршена форма на вистина: формализирана, легализирана вистина. Сепак, некои не се способни да го испорачаат дури и ова релативно скромно јавно добро, како нашиот. Македонија покажа дека посткомунистичкиот политички и уставен поредок е систематски неспособен на принципиелен начин да ги администрира темните страни на комплицираните меѓусебни односи меѓу државата, тајната полиција и нејзините соработници.

Како последица на тоа, лустрацијата беше лишена од својата улога во справувањето со минатото и наместо тоа намерно се создаде впечаток дека е „игра со досиеја“, која им служи на целите на моќта. Тоа беше впечатокот на кој се градеше амнестијата на злото од комунизмот кај нас и се одржува и потхрануваа митот и носталгијата за комунистичкото минато, замаглувајќи ги новите упади на разузнавачкиот систем во политичкиот и правосуден систем на државата. Зар можеш да просветлиш дегенерирани умови по сите овие години дека поентата на лустрацијата не беше и не е одмазда за злото во минатото, ниту имаше цел да се потисне националната свест, која е една од димензиите на човековиот идентитет, туку да се ослободат човечките суштества од стравот дека општеството преку тајната полиција ги контролира, поробувајќи ги нивната индивидуалност и слобода. Направивме трагична грешка како општество што дозволивме да ги игнорираме демоните од минатото, кои толку фатално ја измачуваа македонската историја. А тие сѐ уште се тука меѓу нас, во образованието, правосудството, полицијата, политиката. Го разјадуваат здравото демократско ткиво во општеството, создавајќи зомби-држава. За жал, не ги осветливме и не се заштитивме од мрачните тајни на автократијата што никако да умре во Македонија, туку дозволивме да живееме со гнилежот од тоа минато.
За жал, триесет години по независноста на Македонија сѐ уште официјално не знаеме дали нашата сопствена држава нѐ шпионирала. Се молчи за денунцијанството и жртвите што ги продуцирало. Во книгата на Михаил Булгаков, „Мајсторот и Маргарита“, професорот Воланд, олицетворение на ѓаволот, му кажува на романсиерот-лик, мајсторот дека „ракописите не горат“. Исто како и полициските досиеја, а сега и прислушуваните разговори. Досиејата на кодошите станаа акции што им гарантираат на нивните нелегални сопственици способност да ги контролираат и експлоатираат економијата и политиката. Лустрацијата требаше да го запре овој систем на изнуда и уцена. Не го стори тоа. Злото и шлајмот во општеството останаа негибнати. Затоа со ликови како Темелко не е за изненадување што станавме молчаливо општество, зашто го одомашивме новото име на државата, зашто сме на пат да се обезличиме до непрепознатливост. Зашто постојаниот „комунистички менталитет“ се рефлектира во ксенофобијата и корупцијата како резултат од децениската изопаченост на системот во кој живеевме и изгледа сѐ уште живееме.

Кога ги читам белешките на Темелко сериозно сум уплашен од враќањето на минатото на комунизмот обландирано во демократски лик. Темелко и таквите како него (којзнае колку ги има) се тука да нѐ потсетуваат дека ако не преземеме нешто околу тоа, овој систем на кодошење ќе продолжи и во годините што доаѓаат. Темелко повторно ги разбуди демоните на одвратното комунистичко минато, нѐ потсети дека не можеме едноставно да заминеме од нашата историја, колку и да е болна и репресивна. Сѐ додека не се соочиме со своето минато, ликови како Темелко ќе ни ја загадуваат демократијата и ќе нѐ потсетуваат на злото со кое не успеавме да се избориме.

Автор: Проф. Звонимир Јанкулоски