По повод 24 Мај – Денот на словенските просветители, светите Кирил и Методиј, Македонското друштво „Илинден“ – Тирана упати честитка до поглаварот на МПЦ-ОА, архиепископот г.г. Стефан, како и до сите Македонци каде и да се.
Во честитката, потпишана од претседателот на друштвото Никола Ѓурѓај, се упатуваат празнични честитки во лично име, во име на друштвото на Македонците во Република Албанија, до архиепископот, свештенството, православните верници и до сите Македонци по повод 24 Мај – Денот на македонските и сесловенските просветители и учители, светите браќа Кирил и Методиј.
Во пораката се истакнува дека со празникот им се оддава почит на светите браќа од Солун, како основоположници на словенската писменост и литература и творци на првата словенска азбука – глаголицата, чие дело оставило длабока трага во културниот развој на македонскиот и на сите словенски народи.
Од друштвото нагласуваат дека придонесот на Кирил и Методиј во битката против незнаењето и заборавот е од непроценлива вредност, бидејќи, како што наведуваат, пишаниот збор е трајниот носител на знаењето и мудроста.
– Делото на светите Кирил и Методиј живеело со векови, живее и ќе живее засекогаш. Нека ни е честит Денот на сесловенските просветители – се наведува во честитката на Македонското друштво „Илинден“ – Тирана.
































