Фото: ЕПА

ФУДБАЛ

Голема статуа на фудбалскиот великан Пеле беше откриена во мексиканскиот град Гвадалахара за да се одбележат неговите достигнувања со бразилската репрезентација. Пеле, кој почина на 82-годишна возраст во 2022 година, освои една од своите три титули на Светското првенство во Мексико во 1970 година, пишува агенцијата „Асошиејтед прес“ (АП).
– Оваа монументална фигура на овој голем играч, кој играше тука и постигна одличен гол, е голем подарок за луѓето од Халиско и за сите посетители. Пеле ја сакаше Гвадалахара, а бразилската репрезентација се вљуби во неа затоа што мексиканската јавност им даде сѐ во 1970 година – рече гувернерот на Халиско, Пабло Лемус.
Статуата, висока 9,5 метри, се наоѓа на јавен плоштад наречен „Плаза Бразил“, пред стадионот Халиско, кој беше домаќин на натпревари на светските првенства (СП) во 1970 и во 1986 година. На патот кон титулата во 1970 година, Бразил ги играше своите натпревари од првата рунда, четврт-финалето и полуфиналето на тој стадион, пред да ја победи Италија во финалето на стадионот „Ацтека“, во Мексико Сити.
На СП 2026, Гвадалахара ќе биде домаќин на четири натпревари од групната фаза, и тоа Јужна Кореја – Чешка на 12 јуни, Мексико – Јужна Кореја на 18 јуни, Колумбија – Конго на 23 јуни и Уругвај – Шпанија на 26 јуни, пишува АП. Н.М.