Основното јавно обвинителство – Битола поведе постапка против 40-годишен битолчанец, осомничен за кривични дела „телесна повреда“ и „противправно лишување од слобода“ врз 18-годишна девојка со која бил во блиски лични односи.
Според Обвинителството, инцидентот се случил на 23 мај во раните утрински часови, кога девојката се враќала од матурска прослава.
Осомничениот ја пресретнал со автомобил, по што таа влегла во возилото, но тој почнал да вози, ѝ го одзел мобилниот телефон и не ѝ дозволувал да си замине.
Кога на една локација запреле, девојката се обидела да излезе од автомобилот, но осомничениот тргнал по неа и физички ја нападнал, по што повторно ја внел во возилото и продолжил да ја удира со тупаници, нанесувајќи ѝ телесни повреди и крварење од носот.
Девојката успеала да се ослободи и да побара помош од случаен минувач.
Од Обвинителството информираат дека, имајќи ја предвид опасноста од бегство, како и фактот дека осомничениот и претходно бил пријавуван за насилство и други кривични дела, јавниот обвинител до Основниот суд во Битола доставил предлог за определување мерка притвор.


































