ФУДБАЛ – УЕФА ГИ МЕНУВА ЛИГАТА НА НАЦИИТЕ И КВАЛИФИКАЦИИТЕ ЗА ГОЛЕМИТЕ ТУРНИРИ

  • Од 2028 година, Лигата на нациите од сегашните четири лиги ќе се трансформира во три лиги со по 18 селекции, а европските квалификации ќе имаат повеќестепена структура, Лига 1, со 36 репрезентации од лигите А и Б на Лигата на нациите, и Лига 2 од преостанатите селекции од Лигата на нациите. Форматот ќе биде сличен на форматот на клупските натпреварувања на УЕФА

Извршниот комитет на Европската фудбалска унија (УЕФА) се состана во Истанбул и донесе одлуки за нови формати за натпреварувањата за репрезентациите за мажи од 2028 година, пишува УЕФА. По темелен преглед на тековните формати на УЕФА за натпреварувањата на репрезентациите и обемни консултации со сите асоцијации членки на Европската фудбалска унија, нов концепт е валидиран за имплементација по Европското првенство во 2028 година, пишува УЕФА.
Во новата структура, Лигата на нациите ќе премине, од изданието за сезоната 2028/2029, од сегашните четири лиги на три лиги со по 18 селекции. Секоја лига ќе биде составена од три групи со по шест репрезентации, кои ќе играат шест натпревари против пет различни противници, и тоа дома или на гости против селекции од различни барабани, дома и на гости против противник од истиот барабан.
Со 55 учесници, Лигата Ц ќе вклучува една група од седум екипи. Потоа, како и досега, следуваат четврт-финалето, фајналфор-турнирот и плејофот за промоција и испаѓање, објави УЕФА.
И европските квалификации ќе имаат повеќестепена структура, и тоа Лига 1, составена од 36-те репрезентации од лигите А и Б на Лигата на нациите, и Лига 2, составена од преостанатите 18 (или 19) селекции од Лигата на нациите.
Така, во Лигата 1 ќе има три групи со по 12 фудбалски репрезентации извлечени од три барабани со по 12 селекции. Секој ќе игра шест натпревари дома или на гости против шест различни противници, по два ривала од секој барабан, слично на форматот на клупските натпреварувања на Европската фудбалска унија. Лигата 2, пак, ќе биде организирана како Лигата Ц на Лигата на нациите, со три групи.
Иако се директно пласирани за финалниот турнир, домаќините на шампионатите ќе учествуваат во европските квалификации со цел што е поврзана со нивната позиција во следното издание на Лигата на нациите, пишува УЕФА. Најдоброрангираните репрезентации од секоја група од Лигата 1 ќе се пласираат директно, а преостанатите места ќе бидат пополнети преку плејоф, кој ќе гарантира фер шанси за пласман и за селекциите од Лигата 2, пишува Европската фудбалска унија.
Концептот ќе биде дотеран во текот на следните неколку месеци пред да биде доставен за конечно одобрување на деталниот формат од Извршниот комитет.
– Новите формати ќе ја подобрат натпреварувачката рамнотежа, ќе го намалат бројот на неуспешни натпревари, ќе им понудат на гледачите попривлечно и подинамично натпреварување, а наедно ќе обезбедат фер шанса за пласман за сите репрезентации и без додавање дополнителни датуми во меѓународниот календар. Вкупно, промените ќе ја зголемат вредноста на машкиот национален фудбал на Европската фудбалска унија и со нетрпение го очекуваме спроведувањето на новите системи за натпреварување – рече претседателот на УЕФА, Александер Чеферин, пренесе Европската фудбалска унија. Н.М.