Одбележување на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј
- Денес, кога некој се обидува да го негира македонскиот јазик, овој празник добива уште поголема тежина. Тој станува не само ден на благодарност кон делото на солунските браќа туку и чин на современо сведоштво дека јазикот е живо наследство што не може да се избрише со административни одлуки или со политички притисоци. На 24 мај, македонскиот народ ја потврдува својата вековна врска со словото, ја брани својата културна самобитност и им ја пренесува на идните генерации како светлина што не згаснува
На 24 мај, Денот на светите браќа Кирил и Методиј, Македонија и целиот словенски свет се поклонуваат пред делото што ја осветли патеката на писменоста и духовната самостојност. Овој празник не е само спомен на минатото туку живо сведоштво дека јазикот е светлина, а писменоста мост меѓу вековите. Делото на солунските браќа ги претвори верата и знаењето во наследство што ја чува културната самобитност и ја зацврстува идентитетската оска на народите. Денес, нивниот празник е повик да ја негуваме традицијата и да ја чуваме силата на зборот како најголемо духовно оружје.
Историското значење на Кирил и Методиј
Светите браќа Кирил и Методиј, родени во Солун, се темелот на словенската духовна и културна историја. Нивното дело не е само создавањето на глаголицата туку и отворањето на патот кон самостојна словенска писменост и богослужба. Кирил, познат како Константин Филозоф, уште од младоста се истакнал со својата ученост и љубов кон науката, станувајќи професор на Цариградскиот универзитет. Методиј, пак, со својата управничка и мисионерска дејност меѓу словенските племиња ја зацврстил христијанската вера и ја подготвил почвата за нивната заедничка мисија.
Брегалничката мисија во Македонија и Моравската мисија во Централна Европа се два клучни момента што го покажуваат нивниот историски опфат. Во Брегалница, според преданијата, Кирил создал букви за локалните Словени, а Методиј напишал правен состав на македонски дијалект – прво книжевно творештво на словенски јазик. Во Теофилактовото Пространо житие на Климент Охридски се вели дека „ја изнашле словенската азбука и превеле книги од грчки на словенски јазик“. Во Моравија, пак, браќата ја развиле глаголицата и превеле богослужбени книги, со што ја поставиле основата на словенската култура и духовност.
Нивната борба против тријазичниците во Венеција и признанието на словенските книги од папата Адријан во Рим во 869 година се сведоштво за нивната визија: секој народ има право на свој јазик и писменост. Кирил починал во Рим, а Методиј ја продолжил мисијата до својата смрт во 885 година, оставајќи зад себе наследство што ги обедини сите словенски народи.
Денот кога Македонија ја брани својата душа
Во Македонија, низ вековите, споменот на светите браќа Кирил и Методиј се величи со особена почит. Преродбениците од 19 век ги славеле како духовни патеводители, а нивното дело било извор на инспирација за македонската национална преродба. Тие беа симбол на стремежот кон слобода преку јазикот, кон достоинство преку писменоста и кон културна самостојност преку верата во сопственото слово. Ова се потврдува и од прославата на илјадагодишнината од смртта на Свети Методиј во Солунската гимназија, кога Григор Прличев пред присутните го искажал следното: „Повторувам, оти учителите не се должни да проповедаат. Тие дошле не за друго, освен да ги учат вашите деца да станат добри граѓани и да си ја подигнат татковината, оваа убавица Македонија, оваа топла и благодатна Македонија, оваа плодовита Македонија, која ги подарила светите Кирил и Методија. Не сте ли уверени, господа, оти нашата Македонија денеска е најдолна од сите земји во светот? Не е ли голем срам за Македонците, кои едно време преку Александра Великого го покорија целиот свет, кои после преку светите Кирил и Методија покрстија милиони Словени и ги просветија, денеска ние да бидеме најдолни од сиот свет во просвештението“.
Денес, кога некој се обидува да го негира македонскиот јазик, овој празник добива уште поголема тежина. Тој станува не само ден на благодарност кон делото на солунските браќа туку и чин на современо сведоштво дека јазикот е живо наследство што не може да се избрише со административни одлуки или со политички притисоци. На 24 мај, македонскиот народ ја потврдува својата вековна врска со словото, ја брани својата културна самобитност и им ја пренесува на идните генерации како светлина што не згаснува. Овој ден е празник на достоинството и отпорот кон негирањето, празник на верата дека македонскиот јазик не е само средство за комуникација туку и духовна оска на идентитетот. Во секоја свеченост, во секоја песна и во секој збор изговорен на мајчин јазик, се огледува живата сила на делото на Кирил и Методиј – сила што ја држи Македонија своја на своето и ја вградува во светската културна историја со сопствено име и сопствена душа.
Вечниот покој на Свети Кирил во Рим
Гробот на Свети Кирил не е само вечно почивалиште туку и светилиште на словото и сведоштво за неговата мисија. Во словенските и латинските извори се вели дека гробот се наоѓал „од десната страна на олтарот во црквата ’Свети Климент‘ во Рим“, а денес најчесто се смета дека тоа е гробот што се гледа на левата страна од олтарот. Првата црква на ова место била изградена во домот на римскиот конзул Тит Флавиј Клемент, внук на императорот Веспазијан. Според преданијата, токму Тит е идентификуван со Папа Климент Први. Во 6 век, на ова место била подигната голема базилика украсена со фрески од животот на Свети Климент, што ја претворила во духовен центар на раното христијанство. Во 816 година, Свети Кирил го пронашол телото на Свети Климент во Крим, а шест години подоцна, заедно со брат му Методиј, бил повикан од папата да ги донесе моштите во Рим. Таму телото било свечено положено во црквата „Свети Климент“, со што се зацврстила врската меѓу словенската духовна традиција и римската црковна историја. Неколку години подоцна, во Рим се упокоил и самиот Свети Кирил. Методиј побарал неговото тело да биде вратено во Македонија, но папата не дозволил. Така, телото на Свети Кирил останало погребано во оваа црква, каде што и денес неговиот гроб сведочи за величието на словенската писменост и за светлината што ја донесе на народите. Гробот на Свети Кирил не е само камен и земја – тој е симбол на вечната врска меѓу словото и верата, меѓу Македонија и светот, меѓу минатото и иднината. Д.СТ.
Државно-црковна делегација ќе му оддаде почит на Свети Кирил во Рим
Државно-црковна делегација на Македонија, предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, во Рим ќе му оддаде почит на Свети Кирил, во рамките на традиционалната манифестација посветена на сесловенските просветители. За време на престојот во Италија претседателот на Собранието, Гаши, во Ватикан вчера имаше аудиенција кај папата Лав XIV, како и средба со Пјетро Паролин, државен секретар на Светиот Престол.
Црковната делегација ја предводи архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан, а во неа се и митрополитите на Европската и на Дебарско-кичевската епархија, г. Пимен и г. Георгиј, заедно со отец протојереј ставрофор Зоран Стојанов, претставник од Католичката црква. Во државната делегација, покрај Гаши, се пратениците Никола Мицевски, Оливер Спасовски, Даниел Стојчевски и Беким Ќоку, а претставник од Владата е министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Беше предвидено македонската делегација да ја посети и папската базилика „Санта Марија Маџоре“, каде што Гаши ќе положи венец на спомен-плочата напишана на македонски јазик. Д.Ст.

































