РАКОМЕТАРИТЕ ГИ ДОЗНАА РИВАЛИТЕ НА СП 2027

  • Македонската репрезентација на официјални натпревари на СП, ЕП и во квалификации најмногу играла со Исланд, вкупно 16 пати, а со Бахреин и со Јапонија се сретнала по еднаш, и тоа на СП 2019

Машката ракометната репрезентација на Македонија ќе игра во групата Х на јубилејното 30. Светско првенство (СП) во 2027 година во Германија, а ќе игра со Исланд (извлечен од првиот барабан), Бахреин (трет барабан) и Јапонија (четврти барабан). Црвено-жолтите пред ждрепката беа сместени во вториот барабан.
Избраниците на македонскиот селектор Кирил Лазаров натпреварите од групната фаза ќе ги играат во Магдебург. На Мундијалот в година ќе настапат вкупно 32 селекции поделени во осум групи, од кои во втората групна фаза ќе се пласираат првите три од секоја група. За Македонија ова ќе биде 10-то учество на светските шампионати, а осмо во низа. Најдобриот пласман македонската ракометна репрезентација го оствари на СП во 2015 година, кога го освои деветтото место.
Од ривалите во групата, Исланд е најуспешен со 23 учества на светските првенства, има едно петто место (во 1997 година), трипати бил шести, а на минатото СП, во 2025 година, го освои деветото место. Јапонија настапила 16 пати, најдобар пласман ѝ е десеттото место на СП во 1970 година, а на СП 2025 била 28. Бахреин, пак, учествувал шест пати, најдобриот пласман, 16. место, го забележа во 2023 година, а на минатото СП, во 2025 година, го освои 29. место.
Македонија на официјални натпревари на СП, ЕП и во квалификации најмногу играла со Исланд, вкупно 16 пати, притоа забележувајќи четири победи, едно реми и 11 порази. Од овие мечеви три биле плејоф-средби за пласман на СП (во 2001 порази со 25-26 и 22-38, во 2003 година порази со 30-35 и 28-33 и во 2009 година победа со 34-26 и пораз со 24-30). Еднаш меѓу себе играле на СП, во 2013 година (пораз со 19-23), еднаш плејоф, за пласман на ЕП 2000 (пораз со 23-32 и победа со 32-29). Македонија и Исланд еднаш се сретнале на ЕП, во 2014 година (пораз со 27-29), а трипати ги одмериле силите во квалификации за пласман на ЕП (во 2010 порази со 26-29 и 26-34, во 2018 победа со 30-25 и пораз 29-30 и во 2020 победа со 34-33 и нерешено 24-24).

Со Бахреин и со Јапонија македонската репрезентација играла само по еднаш, и тоа на СП 2019 , и забележа победи, против Бахреин со 28-23, а против Јапонија со 38-29. На тоа СП Македонија во групната фаза играше со истите ривали како и за СП 2027, Исланд, Бахреин и Јапонија, како и со Хрватска и со Шпанија, според тогашниот формат на групи со по шест репрезентации.
Репрезентациите од групата Х во следниот круг ќе вкрстат со репрезентациите од групата Г, во која се Данска, Словенија, САД и Ангола. Во втората фаза ќе има четири групи со по шест селекции, а најдобрите две ќе играат во четврт-финалето.
Актуелен светски првак, од Мундијалот во 2025 година, е Данска, а медали тогаш освоија и Хрватска (сребро) и Франција (бронза). Најмногу златни медали на светските шампионати досега освои Франција (шест), а следуваат Шведска, Данска и Романија со по четири. Г.И.


СП 2027, СОСТАВИ НА ГРУПИТЕ

Група А (Минхен): Германија, Србија, Тунис, Уругвај
Група Б (Штутгарт): Италија, Египет, Зелено`ртски О., С. Арабија
Група Ц (Минхен): Хрватска, Шпанија, Чиле, Турција
Група Д (Штутгарт): Франција, Аргентина, Бразил, Кувајт
Група Е (Кил): Шведска, Норвешка, Грција, Катар
Група Ф (Магдебург): Португалија, Фарски О., Полска, Алжир
Група Г (Кил): Данска, Словенија, САД, Ангола
Група Х (Магдебург): Исланд, Македонија, Бахреин, Јапонија

ГРУПА Х, РАСПОРЕД
15 јануари: Македонија – Јапонија, Исланд – Бахреин
17 јануари: Јапонија – Исланд, Македонија – Бахреин
19 јануари: Исланд – Македонија, Бахреин – Јапонија