Античките митови и патот кон ЕУ

Три мита од грчката античка митологија може да послужат за сликовито, алегориско објаснување на напорите и позициите на независна Република Македонија (сега Северна) на патот кон евентуално можно членство во Европската Унија. Тоа се митовите за Сизиф, за Тантал и за чудовиштата Сцила и Харибда. Македонија врши Сизифова работа туркајќи го каменот до врвот на ридот, а никогаш не успева да го додржи таму, трпи Танталови маки и минува низ Сцили и Харибди со неизвесност дали ќе стигне до саканата цел.
Низ овие легенди, со помош на читателската фантазија, на некои места може да се препознава Македонија, на други места се препознава Унијата со нејзините постојани условувања. За овие дваесетина години, откако е поднесена апликацијата за членство, пред властите на Македонија се поставуваат услови што не се познати или применети при приемот на ниту една членка. Текстот на еден начин може да го толкуваат оние што се застапници на прифаќање на проевропските (бугарските) услови по секоја цена, на друг начин може да го толкуваат оние што се против таквиот пристап.
Многу легенди се поврзани со Сизиф (Сисиф, по новото читање), но најпозната и универзално раширена е онаа за него и каменот. Самото име Сизиф значи „многу мудар“. Навистина бил ем мудар, ем итрец, еден од најитрите во древните времиња. Знаел да се снаоѓа во секоја пригода, на сѐ мислел однапред, од сѐ што правел извлекувал максимум. Иако неговите блиски и познати современици го сметале за најголем неранимајко, сепак му признавале дека го основал градот Коринт, со кој и владеел, ги унапредил коринтската трговија и поморство, а направил и други корисни работи за градот и граѓаните.
Но, поради некои причини, кои овде нема да ги споменуваме, боговите решиле да го казнат и го испратиле во пеколот. Адските судии го осудиле така што требало да тркала еден голем камен од подножјето до врвот на еден рид. Кога ќе помислел дека го истуркал на врвот, каменот му се лизгал од рацете и повторно се тркалал надолу, на почетното место. Морал од почеток да го турка нагоре и никако не можел да стигне до целта. На тој напор, на тоа бескрајно искачување и слегување бил осуден за вечност. Затоа по примерот на тој напор на Сизиф, дури и денес секоја претешка или бесмислена, безизгледна и преглупава работа (задача) се нарекува Сизифов камен или Сизифов труд. Сизиф остана запаметен во митологијата и во историјата како пример за залудна работа.
Тантал, успешен, богат и горд крал, кога бил на гозба кај боговите, посакал да стане eднаков со нив. Во таа намера, за возврат ги поканил да се нагостат кај него. За да покаже добра волја и лојалност и да ги почести со нешто најскапоцено, тајно го искасапил својот син и во јанијата што ја имал приготвено ги додал парчињата месо од неговото тело. Боговите забележале што има во дрвените чинии и ги оттргнале со ужас. За ова и за други злодела Тантал бил казнет со тоа што му било уништено кралството, а по смртта бил осуден на вечна мака во пеколот, заедно со Сизиф, кој веќе бил таму.

И самото име Тантал, според толкувањата, имало повеќе значења: едни тврдат дека тоа име значи „страда“, други „издржува“, трети дека значи „најмизерен“. Осудата била да трпи вечни маки. Да виси на едно дрво навалено над мочуришно езеро и постојано да го морат жед и глад. Брановите од езерото му допирале до половината, а понекогаш и до брадата, но кога и да се наведнел за да се напие од водата, брановите се повлекувале и останувала само црна кал на неговите нозе. А дури и да успеел со рака да зафати малку од водата, таа му се лизгала низ прстите пред да може да си ги навлажни распукнатите усни.
Дрвото било натежнато од вкусни круши, зрели јаболка, слатки смокви, црни маслинки и сочни калинки, кои му стигнувале до рамениците, но кога и да посегнел по примамливото овошје, ќе се зададел ветар и ќе ги оттргнел плодовите од неговиот дофат. Ако нешто и допрел, се претворало во пепел. И не само тоа, еден огромен камен висел над дрвото и вечно му се заканувал да му ја скрши главата.
Според симболистите, симболот за Тантал може да се толкува од неколку аспекти: најпрво се посочува на неговата грешка во процената за сопствената моќ, сила и заштита од боговите, потоа како губење на чувството за реалност, припишување на добра за себе, а вината за лошото барајќи ја кај други, како и грешката што човекот сакал да изигрува бог, правејќи се еднаков со него. Казната што ја добива соодветствува на гревот. Предметот на неговата желба е пред неговите очи: водата, овошјето, слободата се пред неговите очи, но никако не може да досегне до нив.
Но, од друга страна, Тантал е исто така симбол за остварување на желбите и целите што на почетокот изгледаат далечни и не може да се стигнат. Во природата на човекот е никогаш да не биде задоволен, никогаш да не се предава, секогаш да се труди на разни начини, не само да се спаси кога е во неволја, туку да стигне до највисоките врвови. Нема откажување дури и тогаш кога секој обид изгледа безнадежно.
Сцила и Харибда биле две грозни чудовишта, едното пострашно од другото. Тие, живеејќи на еден морски теснец, ги потопувале бродовите и ги јаделе морнарите. Сцила на еден морски гребен, имала дванаесет нозе, шест страшни глави со долги вратови и три низа остри заби, а лаела како куче ,од чиј лаеж на морнарите им се кревале морници. Имала обичај да ги фаќа и да ги јаде морнарите откако им ги кршела бродовите. Наспроти Сцила живеела Харибда. Таа трипати дневно зафаќала со устата огромни количества вода голтајќи ги бродовите, морнарите и сѐ што ѝ било во близина во водата. Немало спас пред нејзината сила.

Кога ќе се рече дека некој се наоѓа меѓу Сцила и Харибда, тоа се сфаќа како метафора што ја прикажува безизлезната ситуација, дека опасноста се заканува од двете страни. Дека меѓу две зла треба да се избере едно, а не се знае кое е помало, а кое поголемо. Но успешното поминување меѓу овие две чудовишта значи и дека сте совладале огромни тешкотии на најопасниот пат.
Ниту овде дома, ниту пак во ЕУ никој со сигурност не може да прогнозира, да каже или да тврди уште колку долго време Македонија ќе го турка каменот кон ридот на ЕУ, уште колкупати ќе се враќа назад. Уште колку е далеку од ЕУ, од дрвото натежнато од вкусни круши, зрели јаболка, слатки смокви, црни маслинки и сочни калинки и уште низ колку Сцили и Харибди треба да помине. Ниту пак некој точно може да одреди кое зло е помало и како токму тоа да се избере.