Фото: Пиксабеј

Јадењето големи количества ултрапреработена храна како што се чипс, бисквити и преработено месо може значително да го зголеми ризикот од развој на деменција, предупредуваат истражувачите. Научниците од Универзитетот „Харвард“ откриле дека луѓето што секојдневно консумираат големи количества ултрапреработена храна имаат дури 58 проценти поголема шанса да развијат деменција во споредба со оние што ја јадат поретко. Истата студија покажа дека таквата исхрана за 46 проценти го зголемува и ризикот од благи когнитивни оштетувања, што често се смета за ран предупредувачки знак за деменција.
Научниците следеле повеќе од 5.300 Американци во период од десет години, анализирајќи ги нивните навики во исхраната и когнитивното здравје. Меѓу намирниците со најголемо влијание врз ризикот се издвои преработеното месо: сланина, виршли и пршута.
Професорката од „Харвард“, Синди Леунг, исто така коавторка на студијата, предупреди дека можеби нема целосно безбедно ниво на консумирање на овој вид храна. Сепак, студијата носи охрабрувачки наод: луѓето што јаделе најминимално преработена, интегрална храна имале 41 процент помал ризик од развој на деменција. Студијата, објавена во Американскиот журнал за јавно здравје, покажува дека луѓето што консумираат повеќе од половина килограм ултрапреработена храна секој ден се изложени на најголем ризик. Истражувачите нагласуваат дека не докажале директна причинско-последична врска, но тврдат дека е „биолошки веродостојна“ и е во согласност со растечкиот број докази за штетните ефекти на овој вид храна врз мозокот. Ултрапреработената храна придонесува за дебелина, дијабетес тип 2 и кардиоваскуларни заболувања, кои се познати фактори на ризик за деменција. Состојки како што се емулгатори и конзерванси би можеле да предизвикаат воспаление во телото.