Во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина, одржан во Шангај, гувернерот на Народната банка д-р Трајко Славески, на покана на гувернерот на Народната банка на Кина Пан Гонгшенг, оствари билатерална средба со својот кинески колега.
-За време на средбата беа разменети мислења за актуелните светски економски и финансиски текови, како и за предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното окружување. Воедно, беа споделени искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност. Во рамките на разговорите им беше посветено внимание на трговските и на финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно понатамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Притоа, беше нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина – информираат од Народна банка.
Исто така, соговорниците се осврнале на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики.
Славески и Гонгшенг се согласиле дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.

































