Предлог-законот за заштита од употреба на производи од тутун и сродни производи го помина првото читање на пленарна седница во Собранието, што претставува значаен чекор кон зајакнување на мерките за заштита на јавното здравје и усогласување на домашната регулатива со современите предизвици поврзани со употребата на никотински производи, пренесе МИА.
Министерот за здравство, Азир Алиу, истакна дека новото законско решение има за цел да обезбеди подобра заштита на децата, младите, непушачите и сите граѓани кои имаат право на здрав и безбеден јавен простор.
-Законот ја следи реалноста на денешното време. Покрај класичните цигари, денес се присутни електронските цигари, загреаните тутунски производи и новите форми на никотински производи, кои бараат јасна и современа регулатива – посочи Алиу.
Според податоците што ги објави Министерството за здравство, употребата на тутун е поврзана со повеќе од 3.600 смртни случаи годишно во земјава, додека економските последици од пушењето се проценуваат на над 600 милиони евра годишно.
Особено загрижувачки се податоците за младата популација. Истражувањата покажуваат дека 13,6 проценти од младите на возраст од 13 до 15 години користат тутунски или никотински производи, 57 проценти од учениците се изложени на туѓ чад во затворени јавни простори, а дури 73 проценти од младите пушачи изјавиле дека при купување цигари не биле спречени поради нивната возраст.
Со новиот закон се предвидуваат појасни правила за пушење на терасите на угостителските објекти, засилена заштита во здравствените, образовните и детските установи, како и ограничувања за пушење во присуство на деца. Дополнително, се воведува сеопфатна забрана за рекламирање и промоција на тутунски и никотински производи, вклучително и преку онлајн-платформи и социјални мрежи.
-Овој закон е за здравјето на граѓаните и за иднината на нашите деца. Здравјето нема цена и нема алтернатива – нагласи министерот Алиу.
Тој посочи дека изработката на законското решение била резултат на долг и инклузивен процес на консултации со сите засегнати страни. Во рамки на подготовката биле одржани седум работни состаноци со претставници на тутунската индустрија, пет состаноци со угостителскиот сектор, усогласувања со надлежните институции и консултации со 14 инспекциски и надзорни органи.
Преку Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), биле разгледани и 58 коментари и предлози доставени од граѓани, трговци и експерти.
Доколку биде усвоен и во натамошната собраниска процедура, новиот закон ќе воспостави посеопфатна регулатива за сите видови тутунски и никотински производи, со цел намалување на изложеноста на штетното дејство на тутунот и создавање поздрава животна средина за граѓаните.

































