Фото: Министерство за енергетика

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на бизнис-форумот Македонија – Турција во Истанбул, значаен економски настан посветен на продлабочување на билатералната соработка, привлекување инвестиции и отворање нови можности за партнерства меѓу компаниите и институциите од двете држави.

Форумот ги обедини претставниците на владите, институциите и бизнис-заедниците од Македонија и Турција, со цел унапредување на економските односи, зголемување на трговската размена и поттикнување нови инвестициски иницијативи. На настанот присуствуваше висока македонска владина делегација, предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, во чиј состав беа и министри од економскиот, енергетскиот и инфраструктурниот сектор.

Во рамките на форумот, Божиновска учествуваше на панел-дискусијата „Билатерална соработка во трговијата, индустријата, производството и синџирите на снабдување“, каде што ги претстави можностите што Македонија ги нуди во областите енергетика, рударство и минерални суровини.

Таа се осврна и на реформските процеси насочени кон создавање стабилна, предвидлива и конкурентна инвестициска клима, со цел привлекување нови странски вложувања и поттикнување одржлив економски развој.

Во рамките на Македонско-турскиот бизнис-форум, министерката Божиновска оствари и билатерална средба со турскиот министер за трговија, проф. д-р Омер Болат.

На средбата беше потврдена заедничката заложба за натамошно продлабочување на соработката меѓу двете пријателски земји, со посебен акцент на енергетиката, рударството, минералните суровини и привлекувањето нови инвестиции.

Средбата, според Министерството за енергетика, претставува уште еден значаен чекор во зајакнувањето на македонско-турските односи и потврда на заедничката определба за унапредување на економската соработка, отворање нови инвестициски можности и создавање услови за одржлив развој и просперитет на двете земји.