ФУДБАЛ
- Ниту еден фудбалер досега не освоил „Златна копачка“ на две светски првенства. Мбапе тој трофеј го освои во 2022 година со осум гола, Кејн во 2018, а Родригез во 2014 година, двајцата со по шест погодока
Килијан Мбапе (Франција), Хари Кејн (Англија) и Џејмс Родригез (Колумбија) имаат шанса да влезат во историјата на светските првенства во фудбал ако бидат на врвот на листата на стрелците на Светското првенство (СП) што почна синоќа со натпреварот помеѓу Мексико и Јужна Африка во Мексико Сити.
На планетарниот фудбалски шампионат што се игра во Мексико, Канада и во САД сите тројца се во составите на своите репрезентации, а на претходните три мундијали го освоија признанието за најдобар стрелец, „Златна копачка“, и тоа Мбапе во 2022 година во Катар, Кејн во 2018 година во Русија и Родригез во 2014 година во Бразил.
Ниту еден фудбалер досега не освоил „Златна копачка“ на две светски првенства. Сите тројца се капитени на своите репрезентации на годинашниот Мундијал.
Најмлад освојувач на наградата „Златна копачка“ на светско фудбалско првенство е Родригез, со 23 години, пишува Светската фудбалска федерација (ФИФА).
На листата добитници на ова голгетерско признание се и пет фудбалери чии репрезентации истовремено станаа и светски прваци, и тоа Вава, Гаринча (Бразил, СП 1962, со по четири гола), Марио Кемпес (Аргентина, СП 1978, со шест), Паоло Роси (Италија, СП 1982, со шест) и Роналдо (Бразил, СП 2002, со осум погодока).
Најуспешен прв стрелец на светските првенства е Жист Фонтен од Франција, со 13-те гола постигнати на СП 1958 во Шведска, а двоцифрен број голови на еден планетарен шампионат постигнаа само уште двајца, и тоа Шандо Кочиш од Унгарија, 11 гола на Светското првенство во 1954 година во Швајцарија, и Герд Милер од Германија, 10 погодока на Мундијалот во 1970 година во Мексико.
Мбапе ја освои „Златната копачка“со осум постигнати гола, а Кејн и Родригез со по шест погодока на трите претходни мундијали. Н.М.

































