Новите предлози на големата европска петорка го потврдуваат фазното пристапување
- Иако бриселските бирократи јавно тврдеа дека проектот за пакет-прием и фазно членство е отфрлен, заедничкиот документ на Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург докажува дека „Нова Македонија“ со право најавуваше оти во заткулисните кулоари во Брисел продолжува интензивно да се работи на деталите за „тест-членство“ на новите членки
Проектот за таканареченото „фазно пристапување“ и Европа во повеќе брзини, кој подолг период се обидуваше да се претстави како мртва идеја во бриселските дебати, очигледно се враќа на голема врата. Најновиот заеднички документ подготвен од петте влијателни земји членки на Европската Унија – Германија, Франција, Холандија, Белгија и Луксембург – јасно покажува дека Унијата се подготвува радикално да ги смени правилата на игра за идните членки од Западен Балкан.
Документот, до кој дојде новинската агенција „Ројтерс“, предвидува воведување привремени ограничувања на правото на глас за новите членки, како и заштитни механизми со кои Брисел би можел да реагира во случај на уназадување на демократијата и слободата на медиумите во земјите кандидати.
Кулоарските најави стануваат реалност
Оваа револуционерна промена во пристапната политика не е ништо ново, а дека идејата за пакет-прием со ограничени права не е мртва и е единствен начин да се забрза процесот на проширување и да се спречат билатералните блокади „Нова Македонија“ пишуваше во неколку наврати. Без оглед што повеќе официјални претставници на ЕУ во изминатиот период тврдеа дека принципот на пакет-прием е надвор од масата, извори од Брисел за нашиот весник брифираа дека многу аналитички центри продолжуваат да работат на модалитетите за пакет-прием на земјите од Западен Балкан. Според истите брифери, целта е како Украина да влезе во европското друштво без тоа да предизвика револт кај земјите кандидати, кои не само што се далеку поподготвени туку чекаат пред европските порти подолго од две децении.
– ЕУ треба да има детална дискусија за можноста за привремени, преодни ограничувања на правото на глас за новите земји членки, особено во делови од законодавството на ЕУ каде што е потребна едногласност – се наведува експлицитно во документот на европската петорка.
Ова директно се однесува на клучните области како што се проширувањето, надворешната политика и буџетот на Унијата, каде што новите членки со години би биле само „неми набљудувачи“ без право на вето.
Нон-пејперот од Тиват како опипување на пулсот
Дека теренот се подготвуваше стратешки покажа и неодамнешниот самит ЕУ-Западен Балкан во Тиват. Таму, францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц излегоа со специфичен нон-пејпер. Упатените аналитичари уште тогаш препознаа дека тој документ не е ништо друго туку првична драфт-верзија на овој голем проект, пуштена во јавноста чисто за да се опипа пулсот кај земјите од Западен Балкан и да се внесе каква-таква нова енергија во одамна заглавениот процес на проширување.
Сега е повеќе од јасно дека стратегијата влегува во својата втора фаза: во јавноста парче по парче ќе почнат да се објавуваат строгите правила за земјите кандидати. Според новиот план, идните членки во првата фаза нема да имаат право на свои еврокомесари, ќе бидат лишени од правото на глас при носењето клучни одлуки и нема да имаат свои претставници во Европскиот парламент.
Моделот на концентрични кругови како „тест-членство“
Ова е класичен пример за оживување на моделот на Европа во концентрични кругови. Наместо класично полноправно членство, ЕУ планира конечно да го затвори прашањето за проширувањето со Западен Балкан преку еден вид „тест-членство“. Во овој модел земјите од регионот ќе бидат вклучени во внатрешниот пазар и одредени фондови, но ќе бидат ставени во трка – кој побрзо и поефикасно ќе ги исполни поставените критериуми, за дури по многу години да стигне до вистинското, целосно членство.
Со други зборови, ЕУ веќе и официјално ќе го третира Западен Балкан како свој дел, ќе превенира продор на трети страни, а истовремено неполноправното членство ќе го амортизира револтот кај некои земји членки што се противат на внесувањето уште поголемо разногласие и „тројански коњи“ во Унијата.
Аналитичарите потврдуваат: ЕУ се штити од нови блокади
Политичките аналитичари сметаат дека ваквиот потег е директен одговор на стравот на Брисел од институционална парализа доколку во блокот влезат нови десет држави со право на вето.
– Овој документ е дефинитивен доказ дека ЕУ повеќе нема да прима членки со полн суверенитет во одлучувањето. Брисел е уплашен од искуствата со Унгарија и Полска, па затоа за Западен Балкан се креира „втора лига“ на членство. Ова е формула со која големите сили сакаат да го врзат регионот за себе, да го елиминираат влијанието на трети страни, а истовремено да не си го расипат комодитетот во носењето одлуки. За нашите земји ова ќе биде долг и мачен натпревар во чистилиштето на ЕУ – посочуваат аналитичарите.
Сепак сите се согласни дека ова е позитивен чекор бидејќи и ограничените права во рамките на ЕУ за нас се прифатливи.
– Наша крајна цел мора да остане полноправно членство, но во овој момент дури и влез со ограничени права е добра работа. Ќе бидеме присутни на заедничкиот европски пазар, ќе присуствуваме како набљудувачи на состаноците на телата на ЕУ, ќе бидеме запознаени со европските политики, стануваме дел и од заедничкиот телекомуникациски простор, така што веќе се интегрираме во Унијата. Многу брзо треба да се твори и прашањето околу слободното движење на луѓето во шенгенската зона. Кога сето ова ќе почне да функционира, тогаш и реформскиот процес ќе мора да ги следи овие нови состојби бидејќи граѓаните ќе го бараат тоа, а партиите ќе мора да го испорачаат – посочуваат аналитичарите.
Според нив, новата методологија, завиткана во обландата на „заштита на владеењето на правото“, во суштина е обид за геополитичко менаџирање со Балканот, каде што палката за одлучување и понатаму цврсто ќе остане во рацете на Париз, Берлин и Хаг.
Геополитички уцени под превезот на европските интеграции
Албанија принудена да ја игра „бугарската игра“ за малцинствата
- Софија со добропознатата тактика на „морков и стап“ суптилно ја потсетува Албанија дека поддршката за Брисел има јасна цена – замижување пред очигледната асимилација на Македонците на нејзина територија
Вековната бугарска државна доктрина за негирање и системско бришење на македонскиот идентитет добива сè појасни и поагресивни контури на меѓународната сцена. Оваа стратегија повеќе не е насочена само директно кон Македонија преку наметнатите услови во преговарачката рамка и историските протоколи, туку се протега и низ соседните земји во регионот. Главна алатка на Софија од 2017 година стана вештачката асимилација на автохтоното македонско малцинство во Албанија, Косово и Србија, со цел тие луѓе институционално да се прикажат како Бугари.
Ваквиот инженеринг на терен, поддржан со уцени, Софија сега го користи како примарен услов и главен механизам за притисок врз земјите кандидати за членство во ЕУ. Секоја дипломатска средба на бугарските официјални лица се користи за наметнување на ова прашање, испраќајќи јасна порака до регионот дека патот кон Брисел не зависи од реформите, туку од прифаќањето на бугарските националистички наративи.
Токму во овој контекст помина и последната билатерална средба во Софија, каде што министерката за надворешни работи на Бугарија, Велислава Петрова, се сретна со својот албански колега Ферит Хоџа, во рамките на состанокот на процесот за соработка во Југоисточна Европа. Иако Петрова истакна дека Албанија е пријател и доверлив партнер на Бугарија во НАТО и во регионот, во фокусот на разговорите веднаш беше ставено прашањето за „бугарското национално малцинство“ во Албанија, директно поврзано со евроинтеграциите на земјата.
Спомнувањето на малцинството во ист контекст со ветувањето за „доследна поддршка за ЕУ“ не е нималку случајно. Софија ја користи добропознатата тактика на „морков и стап“ – нуди поддршка, но суптилно потсетува дека Тирана мора да продолжи да замижува пред очигледната асимилација на Македонците во Мала Преспа и Голо Брдо. Софија со ова ѝ испраќа јасен сигнал на Тирана дека доколку се обиде да го оспори ова прашање, го има подготвено истиот механизам на блокада и вето што веќе го примени против Македонија. Од друга страна, Албанија, во желба да не падне во истата стапица како земјава, свесно прифаќа да ја игра оваа опасна игра.
Познавачите на македонско-бугарските односи, како и поранешни дипломати, тврдат дека официјална Софија ќе продолжи со притисоците врз Албанија да не го опструира процесот на бугаризирање на македонското малцинство во оваа земја, суптилно условувајќи го нејзиното напредување кон ЕУ токму со оваа операција.
– Ова што денес го гледаме на релацијата Софија – Тирана е класичен пример на дипломатска изнуда, која ЕУ немо ја набљудува. Бугарија успешно го пакува својот националромантизам како европски критериум. Тирана е ставена во позиција каде што за да напредува кон Брисел, мора да дозволи Софија на нејзина територија да креира непостојно бугарско малцинство на сметка на бришењето на Македонците што живеат таму со векови. Најтрагично е што албанските власти, водени од прагматизам за брз влез во ЕУ, свесно одлучуваат да не реагираат на бугарскиот притисок врз македонското население во Албанија преку делење пасоши и хуманитарна помош. Ова е опасен преседан, кој покажува дека Бугарија нема намера да запре со ветото во Скопје; таа гради геополитички обрач околу македонскиот идентитет во целиот регион. Доколку ЕУ не стави крај на ваквото инструментализирање на малцинските прашања, Балканот ќе влезе во нова фаза на идентитетски инженеринг под диктат на помоќните членки на Унијата – заклучуваат нашите соговорници. С.Т.

































