Гордана Димитриеска-Кочоска

КАПИТАЛНИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СЕ ПРИОРИТЕТ, ВЕРОЈАТНО И ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА СРЕДСТВАТА ВО БУЏЕТОТ

  • Министерството за финансии најавува дополнителна поддршка за општинските проекти, додека фискалната консолидација продолжува со намалување на буџетскиот дефицит

Капиталните инвестиции нема да бидат жртва на фискалната консолидација и во овој момент не се очекува нивно намалување, а можно е дури и зголемување на средствата предвидени за оваа намена во буџетот. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, посочувајќи дека досегашната реализација на капиталните расходи покажува позитивни резултати и засилена динамика.
Според министерката, постои видлив напредок во распределбата и реализацијата на капиталните расходи, што создава простор за дополнително насочување средства кон проекти со висок степен на реализација. Таа најави дека сигурно ќе има дополнување на програмата за финансирање на општините, како и пренамени на средства меѓу различни буџетски корисници, со цел да се поддржат успешните локални проекти. Димитриеска-Кочоска објасни дека министерствата што соработуваат со општините пријавиле висок процент на реализација на проектите, што придонесува за подобрите резултати кај капиталните расходи.
– Средствата ќе бидат насочени кон проекти што општините успешно ги реализираат и за кои има реална потреба од дополнителна поддршка – изјави министерката.
Таа нагласи дека станува збор за инфраструктурни и локални проекти што директно влијаат врз квалитетот на животот на граѓаните и обезбедуваат подобри услови за живеење. Министерката потенцира дека фискалната консолидација се спроведува паралелно со засилена реализација на големите инфраструктурни инвестиции, што претставува значаен предизвик за јавните финансии.

Во однос на буџетскиот дефицит, таа посочи дека Владата останува посветена на негово постепено намалување – од 4,2 проценти на четири проценти, а потоа на 3,5 проценти. Според неа, ваквиот пристап е позитивно оценет и од Меѓународниот монетарен фонд, кој ја поддржува стратегијата за постепено стабилизирање на јавните финансии.
Како еден од најважните показатели за успешноста на фискалната политика, министерката го посочи примарното буџетско салдо, кое, според неа, покажува дека државата се движи во насока на намалување на фискалните нерамнотежи и покрај зголемените каматни трошоци и интензивниот инвестициски циклус.
Таа нагласи дека фискалната консолидација не може да се реализира прекуноќ, туку мора да се спроведува внимателно и етапно, со почитување на потребите на граѓаните. Од Министерството за финансии порачуваат дека капиталните инвестиции, особено проектите на локално ниво, остануваат меѓу клучните приоритети на Владата, додека буџетската политика ќе продолжи да се движи кон намалување на дефицитот и долгорочна стабилност на јавните финансии. Е.Р.


Унгарската кредитна линија речиси целосно
искористена

Двесте и триесет милиони евра веќе вшприцани во македонската економија

 

Со реализација од 92 проценти од вкупно предвидените 250 милиони евра, кредитната линија обезбедена преку Унгарската експорт-импорт банка се наметнува како еден од најзначајните финансиски инструменти за поддршка на инвестициите во домашната економија во последните години. Според податоците на Министерството за финансии, досега се пласирани 14,1 милијарда денари, односно околу 230 милиони евра, додека преостанува да се реализираат уште околу 20 милиони евра од вкупниот аранжман.
Последниот трансфер кон Развојната банка, реализиран на крајот на минатиот месец, изнесува 131 милион денари или околу 2,1 милиони евра. Средствата се наменети за финансирање инвестиции на домашни компании преку поволни кредитни услови, со цел поттикнување на производството, модернизација на капацитетите и зголемување на конкурентноста на македонските претпријатија.
Моделот на пласирање предвидува средствата до компаниите да стигнуваат преку деловните банки, а условите се значително поповолни од комерцијалните кредитни линии достапни на пазарот. Каматната стапка изнесува 1,95 проценти, рокот на отплата е до 15 години, додека грејс-периодот достигнува до три години. Токму овие услови ја прават линијата особено атрактивна за фирмите што планираат поголеми инвестициски зафати и долгорочни развојни проекти.
Од Министерството за финансии посочуваат дека интересот од компаниите останува висок, што се потврдува и со степенот на искористеност на средствата. Според процените, преку кредитната линија треба да се активира инвестициски циклус вреден околу 300 милиони евра, што значи дека покрај директното финансирање, ќе се мобилизираат и дополнителни приватни инвестиции.
Економските аналитичари оценуваат дека во услови на повисоки каматни стапки на меѓународните пазари и неизвесна глобална економска динамика, ваквите поволни кредитни аранжмани претставуваат важен инструмент за одржување на инвестициската активност. Особено значење има фактот што средствата се насочени кон продуктивни инвестиции, кои имаат потенцијал да создадат нови работни места, да го зголемат извозот и да придонесат за долгорочен економски раст.
Речиси целосната реализација на унгарската кредитна линија покажува дека домашниот бизнис-сектор има потреба од достапни и поволни извори на капитал. Во наредниот период вниманието ќе биде насочено кон ефектите што овие инвестиции ќе ги произведат врз економскиот раст, продуктивноста и конкурентноста на македонската економија. Е.Р.


Гувернерите на народните банки на Македонија и на Кина
остварија билатерална средба во Шангај

Разгледани можностите за натамошно унапредување на трговските и финансиски односи помеѓу Македонија и Кина

Можностите за натамошно унапредување на трговските и финансиските односи помеѓу Македонија и Кина преку продлабочување на институционалната соработка биле разгледани на билатерална средба помеѓу гувернерот на Народната банка на Македонија, Трајко Славески, и неговиот кинески колега Пан Гонгшенг, одржана во рамките на меѓународниот симпозиум во организација на Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај. За време на средбата биле споделени и искуства поврзани со спроведувањето на монетарната политика и зачувувањето на финансиската стабилност, а било дискутирано и за актуелните светски економски и финансиски текови, како и предизвиците со кои се соочуваат централните банки во услови на засилена неизвесност во меѓународното опкружување, како што информира кабинетот на Славески. Двајцата гувернери притоа се согласиле дека постои потенцијал за понатамошно продлабочување на соработката меѓу двете централни банки.
– Во текот на разговорите им беше посветено внимание на трговските и финансиските односи меѓу двете земји, при што беа разгледани и можностите за нивно натамошно унапредување преку продлабочување на институционалната соработка. Соговорниците се осврнаа и на можностите за соработка во областа на дигиталната трансформација на финансискиот сектор, унапредувањето на финансиската вклученост, како и јакнењето на институционалните капацитети преку размена на знаења, експертиза и добри практики – информираат од Народната банка, додавајќи дека на средбата била нагласена долгогодишната традиција на пријателски односи меѓу двете земји, како и подготвеноста на Народната банка за натамошно засилување на дијалогот и размената на искуства со Народната банка на Кина.
Гувернерот Славески во текот на неговата посета на Кина учествуваше и на панел-дискусија на гувернерите насловена „Трасирање на идниот развоj“, во рамките на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“. Во своето обраќање, гувернерот Славески истакнал дека централните банки денес се соочуваат со едни од најголемите предизвици во последните децении, поради низа последователни шокови – од пандемијата и геополитичките конфликти до нарушувањата во синџирите на снабдување и силниот раст на цените на енергијата и на суровините.
– Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени пред сѐ на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци – изјавил гувернерот Славески.
Осврнувајќи се на мерките преземени од Народната банка на Македонија за време на последниот инфлациски бран, Славески нагласил дека институцијата одговорила со зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.
На панел-дискусијата, покрај гувернерот Славески, учествувале и гувернерите на централните банки на Аргентина, Исланд и на Монголија. Е.Р.