Повеќе земји испратиле предлози до администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп за можни алтернативи за справување со енергетската криза поврзана со транспортот во Ормускиот Теснец, предизвикана од војната против Иран, надевајќи се дека ќе добијат политичка и финансиска поддршка во Вашингтон, пренесува „Политико“.
Зголемените цени на гасот поврзани со затворањето на Ормускиот Теснец станаа голем политички проблем за Белата куќа, при што напорите на администрацијата на американскиот претседател да ги намали цените вклучуваат воена поддршка за транспортните танкери. Трамп во објава на социјалните мрежи тврди дека тие мерки донеле 100 милиони барели на пазарот.
– Администрацијата на Трамп тесно соработува со нашите сојузници во светот за диверзификација на синџирите на снабдување, проширување на енергетската инфраструктура и зајакнување на нашата енергетска безбедност со минимизирање на глобалната зависност од застојни зони како што е Ормускиот Теснец – рече портпаролката на Белата куќа, Тејлор Роџерс.
Министерот за енергетика Крис Рајт имаше слична порака во вторникот, велејќи „сакаме да работиме како партнери за да го енергизираме светот“ во забелешките пред Глобалниот енергетски форум на Атлантскиот совет.
Ако добијат согласност за предлозите упатени до Белата куќа, земјите заинтересирани за соработка во енергетиката се надеваат на користење на американската експертиза и финансирање. Поддршката од САД може да биде особено важна во сложени енергетски средини како што е Источен Медитеран, каде што Грција, Кипар и Израел се дел од партнерството „три плус еден“ со САД, за соработка во области како што е енергетиката.
– Енергетската безбедност е повторно на маса. Ние можеме да бидеме сигурна средина кога станува збор за снабдувањето со енергија – рече во интервју министерот за нафта, гас и животна средина на Суринам, Патрик Брунингс.
Суринам откри гас покрај својот брег, а Брунингс верува дека има дополнителни наоѓалишта и оти надворешните инвеститори, вклучувајќи ги и од САД, би можеле да помогнат. Тој рече дека разговарал за суринамскиот гас со помошник-државниот секретар за енергетика Кејлеб Ор, за време на патувањето во Хјустон во март и се надева дека ќе ги обнови разговорите.
Сирискиот министер за енергетика Мохамед ал-Башир изјави дека се сретнал со Рајт и разговарал за начините на кои американските енергетски компании би можеле да ја прошират својата работа во неговата земја. Тој посочи два цевковода што би можеле да обезбедат енергетски патишта подалеку од Ормускиот Теснец. Едниот е Арапскиот гасовод што се протега помеѓу Египет, Јордан, Либан и Сирија, но на кој ќе бидат потребни околу 18 месеци работа за да се санираат штетите од војната. Сирија исто така разговара за обновување на нафтоводот Киркук-Банијас што би носел сурова нафта од Ирак. Р.С.