Фото: Официјален фејсбук профил

Министерството за финансии подготвува измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, со кои се предвидува значително зајакнување на регулаторната рамка, воведување построг надзор и поголема заштита на граѓаните кои ги користат услугите на овие субјекти, пренесе МИА.

Предложените законски измени предвидуваат воспоставување задолжителни внатрешни контролни механизми во секое финансиско друштво. Меѓу нив се формирање одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и други тела чија задача ќе биде унапредување на корпоративното управување и намалување на можностите за злоупотреби.

Дополнително, се предвидува заострување на условите за отворање нови деловни простории. Финансиските друштва ќе мора претходно да добијат согласност од Министерството за финансии, при што ќе бидат утврдени конкретни критериуми што треба да ги исполнуваат за да можат да ја прошират својата мрежа.

Една од најзначајните новини е укинувањето на исплатата на кредитни средства во готовина. Според предложените измени, сите исплати ќе се вршат исклучиво преку банкарски сметки, со цел да се обезбеди поголема следливост на финансиските текови и да се намали ризикот од евентуални злоупотреби.

Измените предвидуваат и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, што треба да придонесе за нивна поголема стабилност и финансиска сигурност.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, во интервју за Телма изјави дека потребата од законски измени произлегла од спроведените контроли, при кои биле утврдени одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива.

-Имаме законски измени кои ги подготвуваме во периодот што следи. По спроведените контроли утврдивме одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива кои оставаат простор за различни толкувања и практики. Затоа пристапуваме кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор, вклучително и задолжителни внатрешни одбори и ограничување на готовинските исплати. Целта е поголема заштита на граѓаните и стабилно функционирање на секторот – изјави министерката.

Таа посочи дека досегашните инспекциски контроли резултирале со констатирани неправилности во работењето на дел од финансиските друштва, а во одредени случаи биле преземени и најстроги мерки, вклучително и одземање на лиценци за работа.

Според Димитриеска-Кочоска, значаен придонес во откривањето на неправилностите имале и пријавите од граѓаните, кои, како што рече, претставуваат важен механизам за унапредување на надзорот во секторот.

Со предложените измени, Министерството за финансии очекува да воспостави повисоки стандарди во работењето на финансиските друштва, да ја зајакне довербата на граѓаните и да обезбеди поефикасен и постабилен финансиски систем.