КАРАТЕ – УНИВЕРЗИТЕТСКО СП 2026

  • Македонија досега освои вкупно четири медали на универзитетскиот мундијал

Продолжува успешниот настап на македонските претставници на универзитетското Светско првенство (СП) во карате во Бразилија (Бразил), па, по освоената бронза на Стефан Јовановиќ (категорија над 84 килограми) и најмалку освоено сребро на Вукашин Јовановиќ (до 67 кг), нова радост донесоа македонските тимови во борби. Машката репрезентација освои сребрен, а женската селекција бронзен медал. Тоа се вкупно четири медали за македонските карате-студенти во Бразилија, во конкуренција на 1.500 спортисти од 50 земји.
– Машкиот тим прикажа извонредни борби во текот на целиот ден, а по победата над Австралија (4-0) најголем впечаток остави во полуфиналето, каде што со одлична тактичка и борбена изведба ја победи силната Турција (4-0) и обезбеди пласман во големото финале. Во борбата за златото против Шпанија, македонските каратисти повторно покажаа висок квалитет и огромно срце на татамите, но овој пат загубија (1-4) и мораа да се задоволат со сребро, што претставува еден од најголемите тимски успеси на македонското универзитетско карате. Успешен ден имаа и девојките, кои со сигурни и убедливи победи против Австралија (3-0) и против Чиле (2-0) стигнаа до полуфиналната фаза и до борбата за медали. По поразот од силната Шпанија (1-4), тие се закитија со бронза и уште еднаш потврдија дека припаѓаат во самиот светски врв на универзитетското карате – изјави селекторот на репрезентацијата Бошко Заборски. Г.И.