Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека постои значителен интерес кај турските компании за инвестирање во Македонија, по учеството на бизнис-форумот Македонија – Турција во Истанбул, каде што владината и бизнис-делегацијата ги презентираа потенцијалите на македонската економија пред турската деловна заедница, пренесе МИА.

Мицкоски посочи дека целта на посетата е да се создадат директни врски меѓу македонските и турските компании и да се отворат нови можности за соработка и инвестиции.

-Овде сум присутен заедно со владина, но и со бизнис-делегација. Ја продолжуваме традицијата на организирање B2B-настани и B2B-средби, односно она што го почнавме во Унгарија и што го продолживме во Австрија, потоа со хрватската бизнис-заедница на билатералната средба во Охрид, го продолжуваме сега овде во Истанбул. Нашата цел е нашата македонска економија и нашите бизниси да се поврзат со бизнисите овде во Истанбул, Турција – изјави Мицкоски.

Тој нагласи дека интересот на турските инвеститори е реален и дека Владата ќе продолжи активно да ги промовира условите што ги нуди земјава.

-Постои навистина голем интерес кај турските бизнисмени за инвестиции во Македонија, а она што ние ќе го правиме во овие два дена во Истанбул е да ги презентираме можностите на македонската економија и сите оние можности и поддршка што ние како Влада ја даваме за привлекување странски директни инвестициим – рече премиерот.

Тој изрази очекување дека престојот во Турција ќе резултира со успешни средби и позитивни пораки за идната економска соработка меѓу двете земји.

Во своето обраќање на форумот, Мицкоски ги повика турските компании да станат дел од, како што наведе, развојната приказна на Македонија.

-Македонија и Турција негуваат традиционално пријателски односи изградени врз доверба, почит и силни врски меѓу народите, а токму тие односи претставуваат цврста основа за продлабочување на економската соработка и нови инвестиции – истакна тој.

Премиерот нагласи дека Македонија се позиционира како стабилна и конкурентна бизнис-дестинација, со стратешка географска положба, поволна инвестициска клима, модерни индустриски зони и пристап до регионалните и европските пазари.

-Турските компании преку инвестирање во Македонија добиваат можност да станат дел од европските синџири на снабдување и да го прошират своето присуство на пошироки пазари – посочи Мицкоски.

Во фокусот на форумот беше зајакнувањето на економската соработка, зголемувањето на трговската размена и отворањето нови инвестициски можности. Пред присутните беше претставена и Мапата за инвестирање во Северна Македонија, која нуди детален преглед на инвестициските потенцијали, развојните зони и можностите за вложување во земјата.

На форумот се обратија и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања Беким Сали, како и турскиот министер за трговија Омер Болат, кои ја истакнаа потребата од понатамошно продлабочување на економските врски меѓу Македонија и Турција.

Во рамки на панел-дискусиите посветени на трговијата, индустријата, енергетиката, инфраструктурата и логистиката, беше нагласено значењето на регионалното поврзување и улогата на слободните економски зони во привлекувањето нови инвестиции. Учесниците оценија дека ваквите средби отвораат дополнителни можности за соработка во повеќе области од заемен интерес.

Форумот беше организиран во рамки на проектот „Промоција на Мапа за инвестирање“, како дел од Програмата за поддршка на спроведувањето на Националната развојна стратегија, предводена од Владата и Генералниот секретаријат, а имплементирана во соработка со УНДП.