Последен поздрав
Со неизмерна тага и неверување ја примивме веста за трагичната смрт на првенецот на Македонската опера и балет, баритонот Ристе Велков, кој го загуби животот во сообраќајна несреќа. Македонската оперска сцена изгуби исклучителен уметник, врвен интерпретатор и човек, чиј глас, уметност и сценско присуство оставија длабока трага во Македонската опера и балет и во македонската музичка култура, објави Македонската опера и балет.
Ристе Велков беше еден од водечките македонски баритони и еден од најхаризматичните оперски солисти. Роден е во 1975 година во Скопје.
Како реномиран солист – првенец на Македонската опера и балет, тој претежно настапува во белканто-продукции, со што го заслужува и епитетот „италијански баритон со кадифена боја“, наведуваат од МОБ.
Средното музичко образование го завршува во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ во Скопје во 1994 година, во класата на проф. Марија Николовска, насока соло-пеење. Дипломира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 1999 година, во класата на м-р проф. Милка Ефтимова. Магистрира со највисока оцена кум лауде во 2011 година на истиот факултет, во класата на м-р проф. Билјана Јовановска Јакимовска, насока соло-пеење.
Во периодот 1995–2000 година ги гради основите на оперското пеење кај македонскиот тенор Гога Трајанов. Своето уметничко усовршување го продолжува кај драмскиот тенор Стојан Стојанов Ганчев од Загреб, како и кај познатите италијански вокални педагози Антонио Бојер и Мирела Паруто, и светски познатиот романски баритон Николај Херлеа. Од 2001 до 2017 година се специјализира и го надградува својот репертоар во приватното оперско студио на бугарскиот баритон Стојан Попов во Софија.
Во 1996 година, како студент, дебитира во драмската претстава „Амадеус“ на сцената на Драмскиот театар – Скопје. Во 1998 година дебитира на „Мајските оперски вечери“ со улогата на Маруло во „Риголето“. Во 2009 година настапува на матичната сцена во Македонската опера и балет со насловната улога во „Набуко“. Велков гостува во Јапонија, Србија, Романија, Турција и во Бугарија, а настапува на речиси сите значајни домашни фестивали и манифестации: „Охридско лето“, „Скопско лето“, „Штипско лето“, „Есенски музички свечености“, „Мајски оперски вечери“, „Интерфест“ – Битола и други. Во текот на својата кариера реализира голем број улоги.
– Неговата посветеност кон уметноста, впечатливите улоги и љубовта кон сцената ќе останат трајно запаметени. Изразуваме искрено сочувство до неговото семејство, колегите, пријателите и сите што го познаваа и почитуваа. Слава му – пишува во објавата.
































