Премиера на мјузиклот „Као какао“
- „Као какао“ е културен продукт на кој ќе се радуваме сите заедно, според интересот од Балканот и најавите, ќе имаме една долга и интересна животна приказна. Ќе создадеме дело што ќе биде важно за регионот, изјави Дејан Пројковски
Со музиката на Влатко Стефановски, текстот на Венко Андоновски и режијата на Дејан Пројковски, актерската игра на Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Рубенс Муратовски, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Биљана Драгиќевиќ Пројковска, Јордан Симонов, Антонио Ташковски, Дениз Абдула, Јована Миладинова, Тања Кочовска, Јована Спасиќ, Димитар Паскоски, Илин Јовановски, Анастасија Трајковска, Тодор Стојковски, Бранко Михајловски, Леонида Гулевска, Ѓорге Нешковиќ и на Анастасија Митровска, мјузиклот „Као какао“ не е само мјузикл или театарска претстава туку голема емотивна разгледница за старото Скопје, за љубовта, за соништата и вредностите што времето не успеало да ги избрише. На сцената на Македонскиот народен театар се создава проект што носи силна енергија, носталгија и раскош, најавувајќи театарско доживување што долго ќе остане во сеќавањата на публиката.
– Во мјузиклот „Као какао“ ја создадовме душата на старото Скопје, духот на старото Скопје, она Скопје за кое постојано се зборува. Сите заедно ја создадовме таа магија, ја создадовме душата на старото Скопје, а всушност тоа се луѓето. И мислам дека тој хумор, таа љубов, таа посветеност, таа верба ја има во овој мјузикл. Односно како што вели ликот на Рубенс, многу е важно во животот човек ако верува со работа од гасеница да стане пеперутка. Другите луѓе се раѓаат и умираат како гасеници. Тоа е всушност лајтмотивот. Бидејќи самиот мјузикл има една многу важна порака, дека нашата одлука и вербата одлучуваат дали е Скопје крајот или почетокот на светот. Мјузиклот ја носи и пораката дека не е доволно човекот да сонува, тој мора да се бори, да верува за да ги оствари своите соништа – изјави Дејан Пројковски, режисерот на македонскиот мјузикл „Као какао“, чија премиера ќе биде на 2 јуни во 20.30 часот на сцената на Македонскиот народен театар.
„Као какао“ е културен продукт на кој ќе се радуваме сите заедно, според интересот од Балканот и најавите, ќе имаме една долга и интересна животна приказна. Ќе создадеме дело што ќе биде важно за регионот, дополнува Пројковски.
И да нема музика, и самиот драмски текст може да помине фантастично, истакна Влатко Стефановски.
– Тоа што и мојата музика игра некаква улога овде тоа ми чини навистина чест, затоа што тука се дава еден нов живот или се продолжува животот на таа музика и тие песни што сум ги пишувал изминативе 50 години. Многу сум пријатно возбуден околу растењето на овој проект. Се надевам дека ќе ни носи само радост, затоа што е голема енергија во прашање, голема енергија собрана заедно. Навистина очекувам спектакуларна премиера – изјави Влатко Стефановски.
Текстот за мјузиклот „Као какао“ е инспириран од музиката на Влатко Стефановски. Во претставата се вклучени најдобрите композиции на Стефановски што оставиле најдлабока трага во времето во кое живееме.
– Создадовме сериозен голем обемен проект, кој е голем и на луѓе, навистина голема бројка. Создадовме тим што е спој на младост и ентузијазам, кој со себе го носат младите актери и музичари и од другата страна врвни професионалци, за сето тоа да резултира со многу успешна работа. Се чувствува една неверојатна енергија на сцена. Уште на самиот почеток главната идеја ни беше да излеземе од границите на Македонија, мислам ова што досега е сработено ни дава право да кажеме дека тоа ќе се реализира. Станува збор за еден исклучително извозен продукт. Музиката на Влатко Стефановски важи насекаде, не само на Балканот и надвор од Балканот и во моментов сме во сериозни преговори и договори со продукции низ Балканот и надвор од Балканот – сподели Владимир Мандичевски-Манде, извршен продуцент.
Мјузиклот е во продукција на „Баги комуникации“ и во копродукција со Македонскиот народен театар.
– Големи се честа и одговорноста да се испеат песните на Влатко Стефановски. Сум имал во текот на мојата кариера разни улоги, главни, епизодни, споредни, но ова дефинитивно е најголем предизвик во мојата кариера. Се движиме кон крајот, работиме секој ден по седум-осум саати. Сигурен сум дека на крајот ќе добиеме еден продукт на кој сите ќе бидеме горди – истакна актерот Владимир Петровиќ.
На аранжманите на композициите се потпишува Бобан Мирковски, кореографијата е на Олга Панго, а сценографијата на Валентин Светозарев. Костимографијата е на Марија Пупучевска, додека вокална менторка е Ана Костадиновска. Асистент-кореографка е Ирена Лозинска, а асистент-костимографка Марија Ѓоргиевска. Следните претстави се закажани на 3, 12 и 13 јуни.
































