„Паркети“ денеска во „Паблик рум“

Кој што сака нека каже, но постои разлика од концерт во сала и концерт во кафуле каде што си на ниво на контакт во очи со публиката.
Обично поголемите и попознати изведувачи го одбегнуваат тој помал простор од разни причини. Но има и изведувачи што се големи и можат да се дадат целосно себеси и на голема и на мала сцена. Членовите на „Паркети“ се битолчани што свират мешавина на панк, постпанк, поп, инди и гараж-музика. И тоа што го свират изгледа неверојатно добро, како да се дел од врвот на светската сцена.
Начинот на живот, начинот на однесување, нивниот изглед и нивните песни оддишуваат со посебна енергија. Сум ги гледал повеќепати на поголеми сцени, но никогаш на помала сцена, мислам во кафуле. И ете ги нив, ете го кафулето „Лонг плеј“ во Аеродром, ете ја публиката, но ете ме и мене меѓу нив. Еден од околу 250 почитувачи на нивниот звук, толкав е капацитетот на кафулето. Преполно е, има прекрасна атмосфера. Се подготвуваат, бината, која не е бина туку само обележан простор, е околу 10 квадратни метри. А на неа они четворица, они лично, со нивниот глад за свирки, со нивниот квалитет. Подготвени за многу поголеми нешта, кои треба да ги прават пред повеќеилјадна публика и заедно да ги пеат нивните песни, нешто што го прават тука вечерва во ова кафуле, но за мнооогу помалку публика. За нив тоа не значи ништо дали се малку или многу, тие се во својот филм. Статичниот Симс, кој на моменти изгледа вкочането, а неверојатно добро свири на гитарата, Зоран басистот без кој ќе ја нема таа длабочина. Тапанарот, кој е всушност оној што го дава ритамот, и Сашо Паркет, човекот што пее, свири гитара, ја забавува публиката, оној што е нивниот заштитен знак. Пеат тие – пее публиката, не пеат тие – публиката пак пее нивни песни. Пред малата бина нивните фанови скокаат и се смеат, едноставно уживаат. А Сашо како што е даден со таа жолта коса и гитарата се качува на еден од шанковите и оттаму испорачува рафали на песни и мали објаснувања, мешајќи лични искуства што ги има доживеано. Па му се обраќа некому, па на секого, во еден момент почна да се соблекува до гаќи и така до крајот на концертот. Се осеќа дека публиката ги сака, дека се на иста енергетска фреквенција, која далеку ја надминува Шумановата фреквенција. Едно општо позитивно лудило. И се редат песна до песна, албум по албум, парчиња мемории од пред дваесет и нешто години, кои го имаат истото значење и за „Паркети“ и за публиката. „Шеќерна“, „Љубичица“, „Strawberry“, „На месечина те заборавив“… Се вртат пијачки, се вртат ритми, се вртат насмеани среќни лица, се вртам и ја, како и сите околу мене. Фантастично. Голема група на мал простор преполн со задоволни посетители, кои всушност дошле да ги видат нив, битолските кралеви на добриот рок. И тука зборуваме за целосна претстава, не само за свирење и најавување песни, не, неее, они си имаат свој филм и си го тераат на задоволство на публиката, и тоа на свој оригинален препознатлив начин. Одамна не сум се чувствувал толку прекрасно како оваа ноќ. Дали е до просторот, кој е навистина рокерски, дали е до публиката, дали е до ноќта или едноставно е поради „Паркети“. Следната цел ќе ми биде да ги видам на сличен простор и да направам споредба. Имам среќа што они го најавија концертот во Скопје, во „Паблик рум“, кој ќе се одржи денеска, за што ќе имате целосно детално толкување. А дотогаш „На месечина те заборавив, во облаци те заборавив, обично ти во пролет изгледаше совршено, но знај ја ќе се вратам, ништо не е завршено“.

Љупчо Давчев