Илустрација / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Комисијата за одлучување по прекршок при Комисијата за заштита на конкуренцијата изврши контрола на неколку откупни центри кои вршат откуп на овошје и зеленчук од индивидуални земјоделци и правни лица.

При извршените контроли, Комисијата утврди неправилности во договорните односи помеѓу откупувачите и добавувачите на земјоделски и прехрамбени производи. Меѓу најчестите неправилности се непостоење на писмени договори за откуп, користење на договори кои не ги содржат задолжителните елементи предвидени со Законот и
договорни одредби кои не се усогласени со законските обврски.

Комисијата најави дека ќе продолжи со активен надзор и дека против субјектите кај кои се утврдени неправилности ќе бидат преземени соодветни санкции.

– Апелираме до сите учесници во синџирот за снабдување со земјоделски и прехранбени производи да ги почитуваат законските одредби, со цел обезбедување фер, транспарентни и рамноправни деловни односи и заштита на земјоделците и останатите добавувачи од нефер трговски практики – наведува Комисијата.