ОДБОЈКА – ВО ПРЕСРЕТ НА НОВАТА СЕЗОНА НА РЕФОРМИРАНАТА ЕВРОПСКА ЛИГА
- Годинава Европската лига е од посериозен карактер затоа што тоа се квалификации за следното Европско првенство. Сите репрезентации ќе играат во своите најдобри состави, а пласманот на европско првенство е голема работа за сите, така е и за нас. Мораме да бидеме многу посериозни и со едни сериозни подготовки да постигнеме резултати со кои ќе обезбедиме пласман на уште едно европско првенство, кое би било петто по ред за нас, рече селекторот Миленкоски, пренесе ОФМ
Откако неделава машката сениорска репрезентација на Македонија се комплетира со доаѓањето на интернационалците Александар Љафтов и Филип Савовски, подготовките влегуваат во завршната фаза, а селекторот Јошко Миленкоски и неговиот стручен штаб почнуваат и со поставување на тактичките варијанти во пресрет на учеството во Европската лига. Како загревање за првиот турнир на кој Македонија е домаќин од 5 до 7 јуни во салата „Парк“ во Струмица, репрезентацијата ќе одигра пријателски двомеч со Црна Гора, во Подгорица, на 29 и на 30 мај. Преку овие два меча треба да се добие попрецизна слика за нивото на репрезентацијата и за деталите на кои ќе треба да се поработи во пресрет на официјалните натпревари, пишува Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ).
– Подготовките засега течат во најдобар ред. Двомечот со Црна Гора ќе ни помогне да направиме проверка на подготвеноста и на тоа колку имаме прогрес во нашата форма. Сите екипи во овој период се во една таква фаза, ќе одиграат по два-три контролни натпревари и почнуваат турнирите од Европската лига. Годинава Европската лига е од посериозен карактер затоа што тоа се квалификации за следното Европско првенство и тежината на таа лига нема да биде како во минатите години. Сите репрезентации ќе играат во своите најдобри состави, а пласманот на европско првенство е голема работа за сите, така е и за нас. Мораме да бидеме многу посериозни и со едни сериозни подготовки да постигнеме резултати со кои ќе обезбедиме пласман на уште едно европско првенство, кое би било петто по ред за нас – рече Миленкоски, пренесе ОФМ.
На првиот турнир во годинашната Европска лига, репрезентацијата на Македонија ќе ги пречека селекциите на Холандија, на 5 јуни (од 19 часот), и на Луксембург, на 7 јуни (19 ч.). Н.М.
































