„Ало, Хјустон, имавме проблем“! И МРТ има!

  • „Јавниот радиодифузен сервис треба да биде огледало во кое еден народ се препознава себеси“, Џон Рит, основач на Би-би-си (Британска радиодифузна корпорација)

ОД МЕСЕЧИНАТА ДО МРТ

„Ало, Хјустон, имавме проблем“ („Houston, we’ve had a problem“) е една од најпознатите реченици во историјата на космонаутиката. Ја изговори астронаутот Џек Свигерт за време на мисијата „Аполо 13“ во 1970 година, кога по експлозија во леталото астронаутите го известија контролниот центар во Хјустон дека нешто тргнало наопаку. Само една година претходно, со „Аполо 11“, човештвото веќе стапна на Месечината. Тогаш Нил Армстронг ја изговори историската реченица: „Ова е мал чекор за човекот, но голем скок за човештвото“. Светот тогаш размислуваше за иднината, за освојување на вселената, за револуција во науката и технологијата. А ние?
Повеќе од половина век подоцна, за жал, македонските политички елити сè уште се опседнати со тоа кој ќе раководи со Македонската радио-телевизија – еден од највлијателните јавни медиуми во државата. Наместо визија, стратегија и модернизација, јавниот сервис со години станува предмет на партиски договори, кадровски комбинаторики и политички пазарења.
Наместо јавноста да слуша дебати за тоа како МРТ да стане современ медиумски сервис и вистински храм на македонската култура, јазик и идентитет, таа сведочи за расправии околу функции, влијанија и партиски интереси.
Проблемот не беше само во луѓето што ја водеа куќата, ниту денес е само во тие што ја водат, а нема да биде ниту утре само во тие што ќе дојдат. Проблемот е во системот што со децении ги пополнува раководните позиции по партиска, пријателска или бизнис-логика наместо според професионални критериуми, интегритет и вистинска медиумска компетентност.
Историјата покажува дека јавните сервиси можат да бидат двигатели на националната култура и демократската зрелост. Најголемиот пример останува Би-би-си. Британската радиодифузна корпорација (Би-би-си), основана во 1922 година, преку својот прв генерален директор Џон Рит – подоцна Лорд Рит – ја постави современата филозофија на јавниот радиодифузен сервис. Рит инсистираше Би-би-си да биде независен од политичко и комерцијално влијание и да му служи исклучиво на јавниот интерес. Токму тој ја формулираше легендарната мисија на Би-би-си: „Информирај, едуцирај, забавувај“ (Inform, Educate, Entertain“), мото што и денес претставува темел на речиси сите европски јавни сервиси. Неговата идеја беше јасна: јавната телевизија и радио не смеат да бидат алатка за дневна политика или пропаганда, туку институции што непристрасно информираат, образуваат и ја унапредуваат културата, чувајќи ги културната и духовната меморија на народот.
Токму врз такви принципи, и покрај сите политички и транзициски предизвици, Хрватската радио-телевизија (ХРТ) во последните децении успеа да изгради значително посилен и поконкурентен јавен сервис од многу регионални медиуми, вклучително и МРТ. ХРТ задржа силна домашна продукција, инвестираше во документаристика, културни и информативни програми и успеа да го зачува чувството дека јавниот сервис е дел од националниот и културниот суверенитет, а не само продолжена рака на дневната политика.
Токму затоа јавните сервиси во многу европски држави претставуваат институции од национално значење, а не претпријатија за партиски вработувања и кадровски поделби. И токму тука започнува македонскиот проблем. Затоа што МРТ требаше да биде огледало на македонското општество, чувар на јазикот, музиката, културата и колективната меморија. Наместо тоа, со години се претвора во институција што повеќе се занимава со сопствено преживување отколку со исполнување на својата јавна мисија.

КАКО МРТ ОД ГЛАС НА НАЦИЈАТА СТАНУВА НЕМ СВЕДОК НА РАСПАДОТ?

Македонското радио започна да емитува програма на 28 декември 1944 година, само неколку дена по Второто заседание на АСНОМ, со историската најава: „Зборуе Радио Скопје“. Тоа не беше само почеток на едно радио туку создавање национален медиумски простор на македонски јазик, во време кога се поставуваа темелите на современата македонска држава.
Со развојот на Телевизија Скопје во 1964 година, подоцна Македонска радио-телевизија, јавниот сервис прерасна во културен и информативен столб на државата. Замислата беше јасна: МРТ да биде медиум преку кој народот ќе го учи и слуша сопствениот јазик, ќе ја создава и препознава сопствената култура и ќе го гради својот идентитет.
Во нејзините студија и редакции се создаваа генерации новинари, режисери, сниматели, композитори и музичари. Работеа лектори и лингвисти што внимаваа на правилната употреба на македонскиот литературен јазик, а јавниот збор се сметаше за прашање на професионална и општествена одговорност.
Од Радио Скопје и Македонската телевизија произлегоа имиња што станаа дел од македонската културна и медиумска историја. Гласовите на Димче Мешковски, Бранка Станковска, Таска Балабанова и многу други беа симбол на доверба и професионализам. Телевизијата создаваше авторитети, а не дневни медиумски ѕвезди.
Во музичките редакции, хоровите и оркестрите на МРТ, твореа Тодор Скаловски, Живко Фирфов, Александар Џамбазов, Драган Ѓаконовски-Шпато, Димитар Масевски, Илија Пејовски и многу други. Низ студијата поминаа речиси сите значајни македонски музички имиња – „Леб и сол“, Калиопи, Тоше Проески, Влатко Стефановски, Есма Реџепова, Васка Илиева, „Мизар“, „Архангел“ и многу други што ја создаваа современата македонска музичка сцена.
МРТ беше и регионален музички центар. Во скопските студија снимаа и големи имиња од поранешна Југославија, привлечени од квалитетната продукција, современата студиска опрема и професионалниот кадар. Меѓу нив беа „Бијело дугме“, „Индекси“, „Тајм“, „Ју група“, „Корни група“, Арсен Дедиќ, Балашевиќ, Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Оливер Драгојевиќ и многу други музички имиња што во тоа време ги користеа студиските и продукциските капацитети на Радио-телевизија Скопје како едни од најквалитетните во тогашна Југославија. Телевизијата создаваше детски, образовни и документарни програми што останаа дел од колективната меморија. „Македонски народни приказни“ станаа телевизиска енциклопедија на народниот дух и традиција, а „Бушава азбука“, авторски проект на Горан Стефановски, Драган Марковиќ и Слободан Унковски, воспитуваше генерации деца преку јазикот, музиката и хуморот.
Во времето кога јавниот сервис имаше визија, телевизијата не бркаше евтина гледаност, туку создаваше култура и чувство на припадност. МРТ беше двигател на најзначајните музички и културни манифестации – „Скопски фестивал“, „Златно славејче“, „Макфест“, „Фолк фест Валандово“ и „Охридски трубадури“. Таа не беше само пренесувач на настани туку нивен создавач и чувар.
Но со текот на времето, особено по транзицијата, гласот на нацијата почна да тивнее. Институцијата што некогаш создаваше култура, вредности и колективна меморија постепено ја губеше својата мисија. Наместо културен и образовен центар, МРТ сè повеќе се претвораше во администрација оптоварена со политика, партиски влијанија и кадровски компромиси.
Денес, за жал, МРТ повеќе не изгледа како глас на нацијата, туку како нем сведок на сопствениот распад – институција што наместо да создава иднина, преживува во сенката на сопственото славно минато.

„БЕЗ СТАБИЛНО ФИНАНСИРАЊЕ“ ИЛИ БЕЗ ВИЗИЈА И ОДГОВОРНОСТ?

Тврдењето дека „без стабилно финансирање нема суштински реформи во МРТ“ звучи логично, но отвора многу понепријатно прашање: што точно е направено со стотиците милиони евра што МРТ ги доби во последните десетина години? Ако јавниот сервис со години добива значителни средства од буџетот, а притоа губи продукција, кадар, влијание, културна мисија и доверба кај јавноста, тогаш проблемот очигледно не е само финансиски. Каде завршија тие пари? Кој ги зеде и што направи?! Каде отидоа парите на граѓаните, дали во нова домашна продукција, современа документаристика, детски и образовни програми, дигитализација на архивата и создавање нов медиумски кадар – или во администрација, партиски компромиси и институционално преживување без визија? Европа не ги гради своите јавни сервиси само со пари туку со стратегија, професионализам и независност. Без тоа, и најголемиот буџет лесно може да стане само скапо одржување на еден систем што полека ја губи смислата на сопственото постоење.

ЕВРОПА ЈА ЧУВА МЕДИУМСКАТА МЕМОРИЈА, НИЕ ЈА РАСПРОДАВАМЕ

Во Европа, јавните радиодифузни сервиси не се третираат како обични медиуми, туку како институции од национално значење – столбови на демократијата, културата и националниот идентитет. Тамошните држави одамна разбрале дека јавниот сервис не е трошок, туку инвестиција во културната меморија и во иднината на сопствениот народ.
Би-би-си во Велика Британија со децении претставува глобален симбол на професионално новинарство, документаристика и културна продукција. Германските А-ер-де (АРД) и Зе-де-еф (ЗДФ) создаваат врвни образовни програми, филмови и историски документарци што се емитуваат низ целиот свет. Франс телевизион (France Télévisions) во Франција вложува значителни средства во национална култура, филм и домашна продукција. Хрватската ХРТ, српската РТС и словенечката РТВ Словенија, и покрај политичките и транзициските предизвици, успеаја да го зачуваат чувството дека јавниот сервис е дел од државниот и културниот суверенитет.
Таму јавниот сервис не ја продава сопствената културна меморија – туку ја чува. Архивите се дигитализираат, се реставрираат и се заштитуваат како национално богатство. Авторските права се третираат како културна сопственост, а секоја снимка, документарец или телевизиска лента претставува дел од националната историја.
Кај нас, за жал, со години јавниот сервис повеќе создава оправдувања отколку стратегија. Македонската радио-телевизија добива значителни средства од државниот буџет, а резултатите стануваат сè поневидливи. Во последните десет години се потрошени приближно 300 милиони евра! Голем дел од средствата се трошат за администрација, партиски кадровски компромиси и одржување систем што одамна ја изгубил својата развојна визија.
Особено е поразително што наместо да инвестира во сопствена продукција, кадар и нови домашни проекти, МРТ со години значителен дел од продукциските активности ги префрла кон приватни продукции и надворешни соработници. Дури и сегменти од основната програма, како временската прогноза и дел од информативните содржини, се реализираат преку надворешни ангажмани.
Наместо да ги развива сопствените студија, редакции и продукциски капацитети, МРТ сè повеќе остава впечаток на институција што троши јавни пари без јасна културна и развојна стратегија. А граѓаните, кои преку буџетот ја финансираат оваа куќа, добиваат сè помалку домашна продукција, сè помалку култура и сè помалку програма што ќе остане како вредност за идните генерации.
Иронијата е уште поголема ако се знае дека приватните телевизии, со многу помали ресурси и под постојан пазарен притисок, често создаваат подинамична и повидлива програма од институцијата што треба да биде национален медиумски лидер.
Но можеби најзагрижувачко е што МРТ полека ја губи и сопствената културна самозаштита.
Во сериозните европски јавни сервиси, авторските права се третираат како стратешко национално прашање. Се водат институционални постапки за заштита на архивскиот материјал, се контролира користењето на снимките и се инвестира во зачувување на интелектуалната сопственост. Кај нас, пак, речиси и да нема сериозна институционална борба за заштита на сопствената продукција, музичка архива и телевизиско наследство.
Архивата на МРТ, покрај Државниот архив, треба да биде еден од главните чувари на македонската културна меморија. Во тие снимки се зачувани јазикот, музиката, лицата, настаните и времињата што ја граделе Македонија. Тоа не е само телевизиска архива – тоа е архива на македонската државност и културен идентитет.
Но суштинското прашање не е само колку пари добива МРТ. Прашањето е: што добиваат граѓаните за тие пари? Дали добиваат современа информативна, образовна и културна програма што ќе биде кредибилен коректив на власта? Дали добиваат квалитетна документаристика што ќе ја зачува македонската меморија? Дали добиваат детска програма што ќе воспитува нови генерации? Дали добиваат домашни серии, културни емисии и дебати со интегритет што ќе ги афирмираат македонската уметност и култура? Или добиваат институција што полека ја губи смислата на сопственото постоење?
Најтажно од сè е што денес не се распаѓа само програмата – се распаѓа духот на институцијата. МРТ не е само зграда, техника, студија или фреквенција. Таа е дел од македонската државност. Во нејзината архива се зачувани гласовите на генерации уметници, новинари, актери, музичари и интелектуалци. Таму е зачувана Македонија каква што била. Но како и многу други институции во оваа држава, и оваа куќа полека станува плен на партизација, краткорочни интереси и институционална негрижа.
Слична судбина доживеа и некогашниот медиумски и интелектуален гигант НИП „Нова Македонија“, кој денес често се споменува како симбол на транзициското распаѓање на институциите. Истото тоа им се случи и на многубројни културни домови, редакции, библиотеки и киносали што требаше да останат столбови на културата, а завршија како жртви на партиски и лични интереси.
Ние со години не создаваме институции – туку ги трошиме. Ги наследивме од претходните генерации, ги партизиравме, ги осиромашивме и постепено ги претворивме во административни сенки на самите себе.
И токму затоа денес повторно мора да кажеме: „Ало, Хјустон, имаме проблем“.
Но овој пат проблемот не е во вселената, туку овде, на Земјата – во неспособноста и неодговорноста на политичките елити да ја зачуваат и афирмираат македонската култура и уметност.
Често слушаме декларативна грижа за националниот идентитет, за културната посебност и за делото на Гоце Делчев. Но вистинската грижа не се покажува со пароли, туку со институции, култура и стратегија. А токму Гоце Делчев верувал дека светот треба да се разбира како поле за културен натпревар меѓу народите.
Во тој контекст, особено е симболично што Македонија веќе неколку години не учествува на „Евровизија“ најголемиот европски музички и медиумски настан. Причините официјално се финансиски и организациски, но последицата е јасна: пропуштена е можност за нова меѓународна афирмација на македонската музика, култура и идентитет.
А кога една држава почнува да се повлекува од сопствената културна сцена, тогаш проблемот одамна престанал да биде само медиумски. Тој станува национален.

Тони Менкиноски