Ebola Kongo
Фото: ЕПА

Бројот на жртви во епидемијата на ебола во Демократска Република Конго продолжува да расте, соопшти синоќа Министерството за здравство на земјата. Од почетокот на епидемијата се регистрирани 867 сомнителни случаи, од кои 204 завршиле со смртен исход.

Тоа е значително зголемување во однос на претходниот ден, кога биле пријавени повеќе од 100 случаи помалку и над 30 помалку смртни случаи.

Досега, лабораториски се потврдени 91 инфекција, од кои 10 биле фатални. Во соседна Уганда се потврдени уште пет случаи поврзани со епидемијата во источен Конго.

Од Светска здравствена организација (СЗО) предупредуваат дека реалниот број на заразени веројатно е многу поголем, бидејќи епидемијата со недели се ширела незабележано во источниот дел на земјата, а не сите случаи биле навреме пријавени.

Дополнителна загриженост предизвикува фактот што тројца волонтери на Црвен крст најверојатно биле заразени уште на 27 март при контакт со починати лица во покраината Итури, а подоцна починале во мај.

Според извештаите, епидемијата долго време останала неоткриена бидејќи станува збор за реткиот вид на вирус ебола Бундибугио, кој првично не бил потврден со конвенционалните тестови.

Најраната позната инфекција во оваа епидемија е регистрирана кај маж кој бил лекуван на 24 април, а починал три дена подоцна. Првите лабораториски потврдени случаи биле регистрирани дури на 15 мај, по што на 17 мај СЗО прогласи вонредна состојба за јавно здравје од меѓународно значење.

Епидемијата се шири во покраината Итури, регион со околу осум милиони жители, каде што безбедносната состојба е нестабилна поради активности на вооружени групи и голема миграција на населението во рударскиот пограничен појас.

Експертите предупредуваат дека контролата на епидемијата е дополнително отежната, бидејќи за реткиот сој Бундибугио засега нема ниту вакцина, ниту специфичен третман.

СЗО проценува дека ризикот од ширење е многу висок во Конго, висок во регионот, но низок на глобално ниво. За разлика од коронавирусот, еболата не се пренесува преку воздух, туку преку директен контакт со телесни течности на заразено лице.