Осомничениот кој отвори оган на контролен пункт во близина на Белата куќа беше убиен во престрелка со агенти на Тајната служба во саботата навечер, потврдија американските власти. Истрагата за инцидентот е во тек, а дел од улиците околу комплексот останаа затворени и во текот на ноќта, пренесе „Гардијан“.
Американските медиуми го идентификуваа осомничениот како Насире Бест (21), за кого, според официјални извори, постоеле претходни контакти со Тајната служба и документирана историја на ментални здравствени проблеми.
Инцидентот се случил непосредно пред 18 часот по локално време, кога мажот на раскрсницата на 17-та улица и Пенсилванија Авенија, во близина на зградата на Извршната канцеларија Ајзенхауер, извадил оружје од чанта и почнал да пука кон службениците на Тајната служба, пренесе „Ројтерс“.
Агентите возвратиле на оган и го погодиле напаѓачот, кој бил пренесен во болница, каде што подоцна им подлегнал на повредите. Во престрелката бил ранет и случаен минувач, додека меѓу припадниците на Тајната служба нема повредени. Засега не е познато во каква состојба се наоѓа повредениот минувач.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, им се заблагодари на безбедносните служби за, како што наведе, „брзата и професионална реакција“ во справувањето со вооружениот напаѓач.


































