Фото: Инсаграм профил /Реџеп Таип Ердоган

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган учествуваше на телеконференција со американскиот претседател Доналд Трамп и лидери од Блискиот Исток, на која се разговарало за состојбата во Иран и регионалната безбедност, соопшти Дирекцијата за комуникации на Турција.

Разговорот се одржал непосредно пред Трамп да објави дека договорот со Иран е „во голема мера преговаран“ и останува да биде финализиран, пренесе „Турција Денес“.

На телеконференцијата, покрај Ердоган и Трамп, учествувале и лидерите на Бахреин, Обединетите Арапски Емирати, Катар, Египет, Саудиска Арабија, Јордан, како и претставници на Пакистан и членови на американскиот кабинет.

Ердоган истакнал дека Турција отсекогаш се залагала за решавање на кризите преку дијалог и дипломатија, поздравувајќи го напредокот во дипломатскиот процес со Иран.

Тој оценил дека секој договор што ќе обезбеди слободен премин низ Ормутскиот теснец ќе придонесе за регионалната стабилност и ќе го намали притисокот врз светската економија.

 – Турција е подготвена да обезбеди секаква потребна поддршка за спроведување на секој потенцијален договор со Техеран – порача Ердоган, додавајќи дека Анкара работи за воспоставување мир во регионот и верува дека може да се најдат решенија и за иранското нуклеарно прашање.

Тој нагласи дека Турција се залага за нова ера во која земјите од регионот нема да претставуваат закана една за друга, додавајќи дека „праведен мир нема да има губитници“.

Во посебна изјава, пакистанскиот премиер Шахбаз Шариф ја поздрави улогата на Трамп во дипломатските напори и го пофали придонесот на фелдмаршалот Асим Мунир во посредничкиот процес.

Шариф оцени дека разговорите биле корисна можност за размена на ставови за актуелната регионална ситуација и идните чекори кон траен мир, најавувајќи дека Пакистан е подготвен да биде домаќин на следната рунда мировни разговори.