Лице од беровското село Двориште е приведено во Струмица, откако кај него и во возилото во кое се наоѓал биле пронајдени дрога, оружје и муниција, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Приведувањето било извршено ноќеска околу 02 часот, во близина на угостителски објект во Струмица, каде полициски службеници извршиле преглед на лицето и патничко возило „Фолксваген голф“ со беровски регистарски ознаки.
При прегледот, кај лицето била пронајдена бела прашкаста материја, за која во службен разговор изјавил дека станува збор за кокаин.
Во багажниот простор на возилото, полицијата пронашла оружје, муниција и други делови од полициска опрема, за кои постои сомнение дека биле неовластено поседувани.
По целосно документирање на случајот, против лицето ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од МВР.



































