Фото: Принт-скрин

Маж со пиштол уби две жени на паркинг на црква во американската сојузна држава Ајова, а потоа се самоубил, јавува „Ројтерс“.

Пукањето во Ајова се случило во четвртокот, пред црквата Корнерстон, фундаменталистичка христијанска црква источно од градот Ејмс, додека траела богослужбата, а кога полицијата пристигнала на местото, пронашла тројца мртви, соопшти канцеларијата на шерифот.

Во меѓувреме, имало уште едно пукање кога биле ранети две лица на гробишта во Рајсин, Висконсин, кога напаѓач испукал повеќе истрели кон луѓето кои присуствувале на погреб, соопшти полицијата.

Едната жртва била пренесена во локалната болница и пуштена, а другата е префрлена во болница во Милвоки, при што се здобила со сериозни повреди, изјави претставник на полицијата, истакнувајќи дека сè уште се трага по напаѓачот.

Соединетите држави беа потресени од масовни престрелки во последните неколку недели, при што загинаа 10 Афроамериканци во северниот дел на Њујорк, 19 деца и двајца учители во Тексас и двајца лекари, рецепционер и пациент во Оклахома, пренесуваат агенциите.